screenshot_2

“Home” копчето на iOS уредите е веројатно и најпрепознатливиот дел од нив. На неговата „генијалност“ се потпираат милиони корисници на уредите на Apple, но тоа наскоро би можело да се промени. Имено, според нови информации, следниот iPad кој треба да биде претставен наредната година нема да има хардверско “Home” копче.

Сепак, уште веднаш да пресечам, главниот кориснички интерфејс, односно начинот на кој ќе се користи iOS оперативниот систем нема да биде променет. “Home” копче ќе има, но тоа веројатно ќе биде софтверско или пак на некој начин ќе биде вградено во самиот дисплеј, заедно со читачот за отпечатоци на прсти. Знаејќи ги Apple, верувам дека интеграцијата ќе биде одлична, но ќе биде интересно да се види како ќе бидат интегрирани и останатите можности на копчето, како двојното притискање за мултитаскинг менито.

screenshot_32

За оние кои пак се запрашаа зошто Apple направи ваков потег, објаснувањето е едноставно: помала рамка околу дисплејот. Денес многу конкуренти од Windows сферата веќе лансираа таблети со прилично мала рамка, кои имаат поголеми дисплеи од iPad, но помали димензии. Затоа, новиот iPad ќе има дисплеј со големина од 10,9 инчи, но тој ќе биде вграден во тело со иста големина како актуелниот iPad со 9,7 инчи.

Намалувањето на рамката околу дисплејот сепак ќе има една негативна страна – телото на таблетот ќе биде подебело, односно ќе брои околу 7,5 милиметри. Ова и натаму е релативно тенко и верувам нема да им смени многу на корисниците, бидејќи поголем екран во помали димензии е веројатно многу покорисна промена.

Сите овие шпекулации на крај сепак може да се покажат и како неточни, иако лично сум уверен дека Apple веќе работи на уреди со помала рамка околу дисплеите, особено по лансирањето на Xiaomi Mi Mix и најавата за Galaxy S8 со многу мала рамка.

Извор: The Verge, Independent, Telegraph

Претходна статијаНа Windows 10 ќе можете да правите се што досега сте правеле на Linux
Следна статијаКултниот Моември повторно во Македонија: Брк по брк за подобро здравје