Повеќе пати оваа година читаме за тоа дека Apple планира да претстави доста потенка верзија од iPhone, нешто слично како што тоа го направи со годинешните iPad Pro модели.
Според неофицијалните информации, iPhone Air, како што повеќето сакаат да го нарекуваат овој телефон, треба да биде позициониран некаде кај iPhone 17 Plus моделот, а најверојатно и ќе го замени.
Тоа значи дека овој модел нема да биде најскап, ќе има комбинација од карактеристики, а главната ќе му биде малата дебелина.
Сега според корејскиот ET News, вакви планови имаат и Samsung. Од компанијата наводно планираат да претстават потенка верзија од Galaxy S25 серијата, а истото треба да се случи во втората половина од идната година, со што нема да дојде до влијание на продажбата на серијата која ќе биде претставена во јануари.
Исто така, претставувањето на телефонот некаде заедно со Galaxy Z серијата во јули или август, ќе биде добро темпирано за тоа да се случи пред Apple, кои нивниот тенок телефон би го претставиле во септември.
Со оглед на тоа што производителите веќе со години се предмет на обвинувања дека имаат драстично намалено со иновациите, би било добро да видиме еден ваков „натпревар“ за тоа кој ќе претстави потенок и подобар ваков телефон.
Сигурен сум дека овие модели, доколку навистина бидат претставени, ќе бидат доста популарни и ќе го привлечат вниманието на голем дел од корисниците.