Корејскиот гигант не престанува да лансира смартфони на преклоп на кинескиот и корејскиот пазар – тие очигледно ги имаат ресурсите за вакви егзибиции, а сигурен сум дека има и купувачи на кои овие сматртфони сѐ уште им се при срце.

Новиот модел наречен SM-G9298 е наменет за кинескиот пазар и има прилично моќни спецификации со оглед на тоа што се работи за смартфон кој нема да биде наменет за широк број на купувачи.

Негов главен адут е тоа што има два AMOLED дисплеи со големина од 4,2 инчи, односно едниот е надвор и може да се користи дури и кога е затворен телефонот. Всушност, ова е веројатно начинот на кој корисниците најчесто ќе го користат овој смартфон, исто како и сите останати смартфони. Отворањето на капакот сепак дефинитивно има кул ефект и особено добро прилега кога зборувате на него, односно самиот момент на отворање на телефонот и изговарање на зборот „ало“.

Дисплеите инаку имаат одлична резолуција од 1920х1080 пиксели, што со оглед на големината е прилично густа поставеност.

Во внатрешноста на овој смартфон е вграден моќен Snapdragon 821 процесор, кој беше дел од сите смартфони од високата класа од минатата година (и од некои од оваа), помогнат од 4 GB рам меморија и 64 GB простор.

Батеријата има прилично мали 2.300 mAh, што е мало разочарување, но затоа задната камера има 12 мегапиксели и е многу слична на онаа на Galaxy S8. Супер вест е што благодарение на надворешниот дисплеј таа може да се користи и како предна селфи камера, иако предна камера е достапна и над внатрешниот дисплеј и таа има 5 мегапиксели.

Засега не е позната цената на Samsung SM-G9298, но не очекувајте да е многу ниска. Исто така, не очекувајте дека овој смартфон ќе можете да го купите кај нас – тоа ќе можете да го направите само ако наскоро патувате во Кина, која е единствената земја каде ќе се нуди овој телефон.

Извор: PhoneDog, NDTV, The Verge

Претходна статијаНаучници генетски модифицираа човечки ембрион за да исправат мутација на срцето
Следна статијаLG потврди – знаменосецот V30 ќе има OLED дисплеј, идеален за VR