Galaxy Tab S2-970-80

Уште од лансирањето на таблет компјутерите, Samsung беше најагресивниот во нивното промовирање,  но последнава година, иако лансираше неколку уреди, изгледа како Samsung делумно да се повлече од таквиот настап, а нормално поради падот на продажбата на ваквите уреди. Сепак, со новиот Galaxy Tab S2, се очекува Samsung повторно да се врати на голема врата.

Интересно, ова ќе биде првиот таблет на Samsung со 4:3 сооднос на екранот и резолуција од 2048х1536 пиксели, исто како таблетите на Apple. Големината на екранот веројатно ќе биде 9,7 инчи, додека телото ќе има дебелина од само 5,8 милиметри, што ќе го направи еден од најтенките во светот.

Како и секој Samsung Galaxy уред и Tab S2 ќе има физичко копче во долниот дел, кое веројатно ќе вклучува и читач на отпечаток за прст, а страничната рамка, како најновиот Galaxy S6, веројатно ќе биде метална. Во внатрешноста, најверојатно ќе се вградува најновиот Exynos 7420 процесор на Samsung, кој на многу бенчмаркови се покажува како најмоќен во светот, помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор за складирање податоци.

За разлика од Galaxy S6, кој доаѓа со сервисите на Microsoft, како Office, во Galaxy S2, Samsung ќе го вградува сопствениот Hancom Office Show 2014. Нормално, оперативниот систем ќе биде Android Lollipop, со низа TouchWiz подобрувања од Samsung.

Samsung веројатно ќе го лансира таблетот наредниот месец, со цел да го престигне Apple во лансирањето на новиот iPad и да одземе дел од колачот во продажбата.

Извор: TechRadar

Претходна статијаГласајте за најдобрите деловни решенија за „Интернет на нештата“
Следна статијаМикробранова печка извор на мистериозен сигнал кој ги чудеше астрономите 17 години