На MWC во Барселона оваа година ќе бидат претставени многу смартфони од високата класа, но дали тие ќе имаат Snapdragon 835 чип, кој ветува дека ќе биде најбрзиот годинава? Според информации од Forbes, тоа нема да биде така бидејќи Samsung буквално ги набавил сите Snapdragon 835 чипови од првата серија за својот Galaxy S8 знаменосец.

Според изворите на Forbes, Snapdragon 835 нема да биде достапен во големи количини се до лансирањето на Galaxy S8, кој ќе биде претставен дури во Април. Ова дефинитивно значи дека конкуренцијата која ќе ги претстави своите модели на MWC нема да може веднаш да ги испорача со новиот чип, туку ќе мора да ги испорачува со Snapdragon 821. Ова е прилично лоша вест за целата смартфон сцена, бидејќи му дава на еден производител буквално монопол.

Овие информации добиваат на тежина бидејќи токму Samsung ќе ги произведува Snapdragon 835 чиповите. Поточно, Qualcomm го прави дизајнот на овие чипови, но тие ќе се произведуваат на лентите на Samsung. Една од причините за ова е што Samsung има технологија за производство на чипови со големина на транзисторите од 10 nm, какви што ќе има во новиот чип.

Како и да е, лично оваа информација би ја земал со голема задршка. Држење на монопол на пазарот никогаш не се покажал како добра работа и Qualcomm би можел многу да загуби доколку го стави Samsung пред останатите производители. Да, после лансирањето на Galaxy S8 чипот ќе биде достапен и за другите производители, но тоа би можело да биде прекасно за многу од нив.

Извор: The Next Web, PC World, The Verge

Претходна статијаHyperloop отвора нов истражувачки центар во Тулуз Франција
Следна статијаApple гради 200 мегаватна соларна фарма во Невада