Razer е компанија која е позната по своите гејмерски лаптоп компјутери и периферни уреди, но сега тие сакаат да одземат и дел од колачот на производителите на смартфони со нов Android телефон, кој ќе има супер моќни спецификации, специјално избрани за корисниците кои сакаат да играат на своите смартфони.

Како и нивните Windows 10 лаптопи и Razer смартфонот ќе има најдобри можни спецификации, барем ако може да се верува на протечените скриншотови на Reddit. Процесорот ќе биде Snapdragon 835, поддржат од 8 GB рам меморија и 64 GB простор, што би требало да биде сосема доволно и за најтешките игри од Google Play Store, додека батеријата со капацитет од 4.000 mAh ќе се погрижи безгрижно да може да ги играте истите тие игри и кога ќе бидете надвор од дома.

Импресивен ќе биде и дисплејот, кој ќе има големина од 5,72 инчи и ќе работи на 120 Hz за супер мазни анимации во игрите.

Razer Phone може да се пофали и со двојна камера во задниот дел – една со широк агол со 12 мегапиксели и f/1.75 бленда и една со потесен „зум“ агол со 13 мегапиксели и f/2.6 бленда.

Напред, телефонот ќе биде опремен со стерео звучници со Dolby Atmos технологија, која ќе овозможи своевиден опкружувачки звук дури и ако немате слушалки на ушите.

Засега не е позната цената на Razer Phone или кога тој ќе биде официјално промовиран, но не очекувајте да биде евтин и широко достапен – ова е сепак телефон наменет за помала група на купувачи, кои смартфоните ги користат главно за гејминг.

Извор: Reddit, Talk Android, The Verge

Претходна статијаМеѓународниот натпревар за стартапи „Get In The Ring“ по трет пат во Скопје
Следна статијаСамит Македонија2025: Отворените економии се единствен начин за развој на малите земји