Познатиот таканаречен „протекувач“ на информации „OnLeaks“, заедно со „Pricababa“, излегоа со информации за нова верзија од Galaxy S20 серијата од Samsung која треба да биде претставена наводно во октомври.
Се работи за „лајт“ верзија од серијата која ќе го носи името Galaxy S20 FE 5G. FE го означува веќе користеното име „Fan Edition“, а овој уред треба да дојде со голем дел од карактеристиките кои ги имаат останатите телефони од серијата.
OnLeaks и Pricebaba обезбедија „рендери“ од телефонот, како и видео, па можеме да видиме како ќе изгледа, а тука се и информациите за што може да се очекува од аспект на карактеристики.
Galaxy S20 FE 5G треба да работи на Snapdragon 865, што е одлично, но најверојатно доколку биде достапен во Европа, ќе работи на оваа година послабиот од Snapdragon верзијата, Exynos 990. Покрај тоа, треба да дојде со 6 до 8GB RAM, како и до 512GB простор за податоци.

Батеријата се најавува дека ќе има одличен капацитет од 4.500 mAh, а камерите ќе дојдат со сензори од 12, 12 и 8 мегапиксели со стандардната поделба на камера со ултра широк агол на сликање и слично.
Тоа што ќе го разликува повеќе овој „Fan Edition“ модел е во изборот од интересни бои, како и изработката од мат пластика, нешто што може и да биде добра одлука.
Цената која се најавува за овој телефон е околу 750 долари, што е повеќе од претходните „лајт“ модели, но сепак доста помалку од достапните S20 и Note20 телефони.