Таблетите полека почнуваат да мигрираат во други категории, како на пример „2 во 1“ Windows 10 уреди или пак смартфони со поголеми дисплеи со дијагонала од околу 6 инчи. Затоа, продажбата константно опаѓа и минатата година таа доживеа пад од 20% во однос на 2015 година, во која исто така беше забележан пад.

Како и секогаш, iPad и натаму се убедливо најпродаваните модели на таблети, но разликата почна да се намалува. Најпопуларниот таблет минатата година имаше огромен пад на продажбата о 18,8% (учество на пазарот од 24,7%) и покрај тоа што беа лансирани “Pro” моделите, кои требаше да земат дури и од колачот на Windows таблетите.

Подобро не помина ниту Samsung, кој во недостаток на многу нови модели забележа пад од 11,4% за вкупно учество на пазарот од 15,1%. Корејскиот бренд спрема нови модели за MWC саемот во Барселона, но лично не очекувам ниту тие да ја подобрат ситуацијата за Samsung.

Од останатите производители, Amazon имаше мал пад на продажбата од 0,6% на своите Fire таблети, додека кинеските Lenovo и Huawei интересно имаа раст на продажбата минатата година, што веројатно се должи на поевтините модели на таблети кои купувачите ги купуваат пред се за своите деца.

Оваа година Apple ќе лансира наследници на двата iPad таблети во Pro форма, но колку тие ќе успеат да го намалат падот на продажбата останува само да видиме. Apple навистина се труди да ги насочи iPad таблетите кон професионалците, но конкуренцијата тука е особено силна – Windows 10 веќе има голема база на корисници, а и Chromebook лаптопите продолжуваат да имаат се поголемо присуство на пазарот.

Дали ова значи дека таблетите целосно ќе ги снема од пазарот? Секако дека не, но сигурно ќе добијат некоја друга форма во иднина, а „2 во 1“ уредите и големите телефони се најдобар показател за тоа.

Извор: Slash Gear, Business Wire, PR News Wire

Претходна статијаОткриено сижето за петтото продолжение на Transformers
Следна статијаSurface Phone ќе биде претставен на крајот од годинава?