Остануваат уште само два дена до „Far Out“ настанот на Apple кој ќе се одржи во среда на 7 септември со почеток во 19:00 часот по македонско време. Како и секогаш, настанот ќе може да се следи во живо преку страната на Apple, како и нивниот YouTube канал.

На овој настан се очекува претставувањето на iPhone 14 серијата, Apple Watch Series 8, како и нова генерација од AirPods Pro.

Марк Гурман од Bloomberg ги објави едни од последните гласини со оглед на тоа што официјалните информации се на 48 часа од сега, па со тоа можеме да ги заокружиме очекувањата за среда.

Покрај тоа што веќе може да се смета за сигурно дека iPhone 14 Pro моделите ќе дојдат со нов исечок, со што се добива втора година по ред намалување на овој дел, се очекува и дека Apple се има одлучено да софтверски го спои просторот помеѓу дупката за камерата и исечокот за Face ID системот.

Оваа новина е една од главните кои ќе ги имаат iPhone 14 Pro моделите кои и оваа година нема да донесат некои поголеми промени, па може да се каже дека корисниците на iPhone 13 нема да имаат поголеми причини за надградба.

За можноста дека iPhone 14 Pro конечно ќе го донесе Always On екранот кај iPhone можеше да се прочита повеќе пати. Гурман овие гласини ги повторува, па според него може да се очекува вакво нешто, заедно со нешто поголеми батерии, најверојатно за да се направи компензација за нешто поголемата потрошувачка на енергија.

Фото: MacRumors

За разлика од Always On екраните кај Android конкурентите, на iPhone 14 Pro се очекува дека тој ќе биде затемнета верзија од „заклучениот екран“. Тоа значи дека на Always On може да се очекуваат новите „виџети“, покрај часовникот, а ќе се прикажуваат и некои позадини.

Кај iPhone 14, односно кај основните модели, кои оваа година нема да го вклучуваат мини моделот, се очекуваат помалку новини, а за разлика од претходните години, разлика во компонентите со Pro моделите. Тоа значи дека iPhone 14 моделите ќе продолжат да работат на ланскиот A15 Bionic чип, ќе го имаат истиот исечок на екранот, а се очекуваат помали новини кај камерите.

iPhone 14 Pro се очекува дека ќе има нов систем на камери со 48 мегапиксели, промена кај Apple после подолго време.

Покрај iPhone 14 серијата, уште еден уред треба да го привлече вниманието, а тоа е Apple Watch Series 8 Pro. Овој Pro часовник треба да биде поголем, изработен од поиздржливи материјали, да има поголема батерија, а со тоа да им се допадне на спортистите, посебно на планинарите. Овој часовник треба да биде поскап и да се обиде да му конкурира на Garmin кој најчесто се користи од оваа категорија на корисници.

Претходна статијаЈуниорскиот тим на македонски информатичари освои еден сребрен и два бронзени медали во Дорохои, Романија на Јуниорската Балканска олимпијада по информатика
Следна статијаHuawei претстави голем број нови производи на IFA 2022
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.