Ако сте од оние луѓе кои често забораваат да го наполнат својот смартфон и редовно се со минимум батерија, еве еден модел кој сигурно ќе може да трае неколку дена со едно полнење.

Oukitel е кинески производител, чиј K10000 модел има масивна батерија од 10.000 mAh. Според тоа што стандарден смартфон со вакви спецификации има околу 2.500 mAh, може да очекувате дека овој модел ќе има батерија која трае четири пати повеќе со едно полнење, односно околу четири до пет дена. Исто како во времето кога владееја класичните мобилни телефони! И најдобро од се, батеријата ќе може да се наполни за само три часови благодарение на брзиот полнач, што за толкав телефон е одлично постигнување.

Останатите спецификации сепак и не се толку импресивни. Процесорот е на MediaTek и има осум јадра на 1,5 GHz, помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор. Дисплејот има големина од 5,5 инчи и мошне солидна Full HD резолуција, но не е јасно која верзија на Android ќе биде вградена во овој смартфон. Обично, Oukitel не е љубител на поновите верзии на Android, но да се надеваме дека со овој смартфон нема да биде така.

Цената на Oukitel K10000 ќе биде околу 240 долари, што и не е премногу за смартфон со батерија со која ќе може да истерате и до една недела со едно полнење доколку сте малку поштедливи.

Извор: Engadget, The Verge, Android Headlines

Претходна статијаТим од MIT разви ефикасен начин на учење во кратките периоди кога чекаме нешто
Следна статијаWindows 10 Mobile ќе добие Fluent Design System освежување