OnePlus го потврди името на нивниот најнов телефон, овој пат од нешто пониската класа и со тоа соодветно пониска цена. OnePlus Nord треба да дојде со цена под 500 евра, истата точно уште не е објавена, како и камери кои се карактеристични за телефоните од највисоката класа, како што најавија од компанијата.

Знаевме дека OnePlus Nord треба да биде претставен овој месец, а сега ја имаме и официјалната дата, 21-ви јули. Настанот ќе се одржи онлајн, како што се сите настани во ова „корона време“, со почеток во 16:00 часот, а за разлика од другите, OnePlus се реши за настан која ќе може да се следи преку посебна апликација за проширена реалност.

Корисниците кои сакаат да го следат настанот преку проширената реалност, истото ќе можат да го направат преку посебната апликација достапна на Android, но и на iOS. Апликацијата може да се симне преку линковите на оваа страна од компанијата.

OnePlus почна со пуштање по малку информации за нивниот нов телефон, почнувајќи со неговото име, OnePlus Nord. На нивниот посебно направен Instagram профил, тие имаат и два документарци досега, кои можете да ги погледнете преку овој линк.

Главното внимание кај OnePlus Nord е насочено кон цената, која за разлика од претходните модели кои се продаваат по цена од 800 евра, Nord треба да дојде со цена под 500 евра, но точната цена уште не е објавена.

Исто така, според најавите од едниот од основачите на OnePlus, телефонот ќе дојде со камери кои се карактеристични обично кај телефоните од највисоката класа, со што акцентот покрај на цената, се става и на квалитетот на слики кои корисниците ќе можат да ги направат.

Од неофицијалните информации дознаваме дека OnePlus Nord ќе дојде со Snapdragon 765G, што му овозможува на телефонот вградена поддршка за 5G мрежите, како и 6GB RAM, 128GB простор за податоци и батерија со капацитет од 4.300 mAh, со поддршка за брзо полнење со 30W.

Со оглед на добрата прифатеност на другите модели од оваа компанија, како и верната група на фанови, можеме со сигурност да очекуваме одличен избор преку OnePlus Nord.

ИЗВОРTechRadar
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаМониторот е еден од најважните фактори кој влијае на ефикасноста при работа
Следна статијаTinder започна со тестирање на нивните „Face to Face“ видео разговори
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.