Досега имаше неколку шпекулации дека Samsung би можел да го врати Galaxy Note 7 на пазарот, а сега стигна и официјална потврда од корејскиот гигант. Сепак, овие уреди нема да бидат нови, туку ќе бидат “refurbished”, односно растурени, па повторно склопени со неколку сменети делови, меѓу кои веројатно најважно – батеријата.

Всушност, со ова Samsung не само што ќе врати дел од загубените пари, туку ќе може и да рециклира многу од неупотребените делови, кои се од многу висок квалитет, како на пример матичната плоча, чипот, камерата, стаклото и алуминиумот за изработка итн.

Од Samsung велат дека ова го прават само со една причина – да ја заштитат околината од дополнителен отпад. Ова доаѓа по големите протести на Greenpeace, кои бараа одговор од Samsung за тоа како ќе се справат со 4,3 милиони вратени уреди. Сега тие очигледно го добија посакуваниот одговор.

И покрај тоа што официјално го потврди овој модел, Samsung не даде други информации, како на пример тоа колкава батерија ќе се користи. Според претходните најави, батеријата ќе биде со помал капацитет, за целосно да се елиминира можноста за експлозија или самозапалување. За среќа, останатите делови се очекува да останат целосно исти, вклучувајќи го и привлечниот дизајн со мала рамка околу Edge дисплејот.

Извор: The Verge, ZDNet, Tech Crunch

Претходна статијаЕлон Маск преку SpaceX во борба против апокалипса
Следна статијаFacebook Messenger ќе „згасне“ за корисниците на некои паметни уреди