Иако доста години се поминати од револуцијата на пазарот која ја направи Apple со iPhone, сепак се’ уште се чека кога ќе биде наредниот ваков производ од компанијата. Кратко кажано, голем дел луѓе ја гледаат компанијата како да од време на време ќе претставува вакви револуционерни производи кои ќе го менуваат пазарот драстично, но Марк Гурман има друго гледиште на работите.
Во неговиот најнов неделен билтен тој пишува за тоа дека тешко е дека некој друг производ ќе го има успехот на iPhone и наместо да се очекува „наредното големо нешто“, Apple треба да го насочи своето внимание кон повеќе помали производи.
Гурман истакнува дека iPhone на Apple им носи околу 200 милијарди годишно, а од компанијата немаат друг производ кој се приближува до оваа сума. Тој логично заклучува дека повеќето други производи се како додатоци на iPhone, а голем дел од нив се продаваат поради телефонот од компанијата.
Тоа што треба да го направат од Apple е да продолжат со унапредување на постојните производи, а можат само постепено да додаваат уште нови кои нема да се очекува дека ќе бидат на нивото на iPhone.
Еден начин на кој од компанијата можат да продолжат со растот е со посериозен влез на пазарот на паметни домови. Гурман веќе најавува дека од компанијата планираат да претстават паметни екрани, почнувајќи од идната година кои со помош на вештачката интелигенција ќе треба да станат доста способни домашни асистенти.
Како пример за унапредување на постојните производи се истакнува додавањето на здравствени функции кај Apple Watch кој во годините што следат ќе може да ги мери притисокот и шеќерот во крвта.
Гурман пишува и за тоа дека од компанијата почнале да покажуваат поголем интерес за производите од Meta и Snap, конкретно паметните очила кои изгледаат како обични. Apple може да се очекува да влезе на овој пазар, иако Гурман смета дека има уште доста години до достигнување на саканиот квалитет.
Тој дава добра споредба за што можеме порано да очекуваме, а тоа се очила кои ќе можат да снимаат, да пуштаат звук и слично, односно AirPods слушалки направени во форма на очила.
Иако истакнува дека и на овој пазар Apple ја следат конкуренцијата, наместо обратно, тој истакнува дека очилата од конкурентите не се баш на нивото кое се претставуваат.