486411-apple-ipad-pro

Најуспешниот таблет во светот, iPad Air, во наредната генерација која треба да биде претставена на 15-ти март, ќе го смени името во iPad Pro. Причината е веројатно што Apple сака да го насочи таблетот кон бизнис светот, бидејќи продажбата на “Air” во останатите сегменти на пазарот, односно за „обичните“ корисници, константно паѓа.

Наставката “Pro” во името секако значи и дека Apple ќе ги понуди придружните професионални компоненти, како на пример паметната тастатура и дигиталното пенкалце, кои се насочени кон бизнис публиката, но и кон креаторите, дизајнерите и сл.

Димензиите сепак не би требало премногу да се променат во однос на актуелниот Air – дисплејот и натаму ќе има големина од 9,7 инчи во дијагонала со резолуција од 2048х1536 пиксели. Има и најави дека резолуцијата ќе биде качена на 3112×2334 за 401 пиксели по инч густина, но тоа е помалку веројатно.

Внатрешните компоненти ќе бидат прилично моќни, односно ќе бидат целосно преземени од поголемиот iPad Pro со 12,9 инчен дисплеј. Тоа значи дека ќе биде вграден чипот A9X со две јадра на 2,26 GHz и 64 битна архитектура, помогнат од 4 GB рам меморија, што значи дека може да се очекуваат високи перформанси, особено поради лесниот iOS оперативен систем.

Од останатите карактеристики на поголемиот модел, би можеле да ги видиме и четирите звучници во предниот дел, кои би требало драматично да го подобрат аудио искуството во однос на актуелниот iPad Air 2 модел.

Сите детали за новиот iPad ќе ги дознаеме на посебен настан на 15-ти март, каде ќе биде претставен и новиот 4 инчен iPhone SE.

Извор: PCMag, The Verge, Pocket-Lint

Претходна статијаОд денеска започнува СтартАп маратонот на SEEUTechPark
Следна статијаСамоуправувачки автомобил на Google ја предизвика првата сообраќајна незгода