Компанијата со интересното име, Nothing, го претстави својот прв смартфон Phone (1) во јули оваа година. Телефонот беше најавуван како нешто револуционерно што ќе понуди нешто различно на пазарот кој се нема променето уште од претставувањето на првиот iPhone.

Ова го најавуваше основачот на компанијата, кој е и Apple фан, Карл Пеи, па очекувањата за првиот телефон беа големи. Тоа што го добивме не може да се каже дека е лошо, но секако малку очекуваа дека ќе видат некаква револуција на пазарот.

Главната карактеристика на Nothing Phone (1) е неговиот заден дел кој е делумно проѕирен и составен од сијалички во интересни форми кои светат различно зависно од известувањето или повикот. Има интересни и креативни решенија, како на пример посебни сијалички кои го покажуваат нивото на батеријата кога телефонот се полни.

На страна од овој дел, телефонот доста се споредува со iPhone, а во главно поради дизајнот од страните кои навистина потсетува на телефоните од Apple, а е стил кој ретко се користи кај Android конкурентите.

Карл Пеи излезе со изјава која повторно ќе ги направи Nothing поразлични на пазарот, а тоа е најавата дека втората генерација од телефонот, односно Phone (2), не треба да се очекува наскоро.

Тој додава дека тие се фокусирани на правење неколку други работи како што треба и не планираат да претставуваат десетици производи годишно како што тоа го прават многу други.

Phone (1) е нивниот главен фокус, а и подготвуваат нешто навистина одлично од аспект на софтвер, Android 13 и слично.

Со оглед на тоа што првиот телефон беше претставен пред 5 месеци, рано е да заклучиме дека Nothing нема да бидат како другите. Да, компаниите со повеќе модели претставуваат повеќе уреди годишно, но телефоните од една серија добиваат надградба еднаш годишно.

Од коментарите кои ги читаме за Phone (1), фокусирањето на развојот на овој телефон, а посебно софтверот, е нешто што би било добредојдено за корисниците.

Претходна статијаClamAV ја доби својата прва стабилна верзија после 20 години
Следна статијаMicrosoft го брани купувањето на Activision Blizzard како добро за „гејмерите“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.