За време на MWC 2023 саемот за технологија, основачот и директор на Nothing заедно со директори од Qualcomm, го најавија претставувањето на Phone (2) за подоцна оваа година. Со најавата беше истакнато дека втората генерација од телефонот од ко-основачот на OnePlus ќе работи на чип од Snapdragon 8 серијата, за разлика од ланскиот кој работеше на Snapdragon 778G+.

Со оваа промена во класата на чипот, Nothing Phone (2) треба да има доста подобри перформанси од првата генерација, а со тоа да ги задоволи и барањата на корисниците, кои наводно реагирале на оваа одлука.

Точната верзија од чипот намерно не беше кажана при најавата во рамките на MWC 2023, па останаа само претпоставките и очекувањата дека ќе биде најновиот, Snapdragon 8 Gen 2.

Сепак, еден од директорите кои беа на настанот, информацијата случајно ја објави на LinkedIn, па сега се знае дека Nothing Phone (2) ќе го користи Snapdragon 8+ Gen 1.

Ова е чип од минатата година, што значи дека Phone (2) нема да го користи најновото и најдоброто од Snapdragon чиповите.

Оваа информација може и да се гледа како добра вест. Можеби Phone (2) нема да го користи најновото, но ланскиот Snapdragon 8+ Gen 1 се покажа доста добро, а посебно што производството беше префрлено од Samsung во TSMC. Повеќето тестови покажуваат дека разликата помеѓу овој чип и најновиот, не е толку голема, а тоа е и причината зошто Qualcomm на претставувањето на Snapdragon 8 Gen 2, споредбите ги направи со Snapdragon 8 Gen 1.

Дополнително, користењето на постар чип значи дека трошоците на Nothing ќе бидат помали, па и годинешниот телефон може да се очекува да нема висока цена, односно да биде поевтин од конкурентите од највисоката класа.

Претставувањето може да се очекува подоцна во годината, па ќе видиме како ќе се покаже овој телефон кој сега ќе се продава и во САД.

ИЗВОРXDA-Developers
ИЗВОР 291Mobiles
Претходна статијаОсновните iPhone 15 модели нема да ги добијат ProMotion и Always-On функциите од Pro моделите
Следна статијаMicrosoft претстави нов канал во Windows Insider програмата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.