Наредниот месец ќе го видиме претставувањето на новиот Galaxy Note 8 и многу брзо после тоа и на iPhone 8. Сепак, пред нив ќе биде претставен еден старо-нов смартфон – HMD Global, компанијата која стои зад враќањето на Nokia во смартфон водите, овој пат со Android, ќе го претстави својот нов знаменосец, кој ќе го носи името Nokia 8.

Очекувањата од овој смартфон се многу големи, што и не е чудно – името Nokia и натаму е синоним за квалитет и високи перформанси. За ова второто веќе сме скоро сигурни – дисплејот ќе има големина од 5,3 инчи и Quad HD резолуција, назад ќе има двојна камера со Carl Zeiss оптика, додека внатре ќе бие срцето на моќниот Snapdragon 835 процесор, помогнат од 4 или 6 GB рам меморија и 64 GB простор, со можност за проширување со micro SD картичка.

Цената, според најавите, ќе изнесува 600 долари, што е делумно поевтино од етаблираната Android конкуренција.

Ако Nokia 8 го наследи квалитетот на изработката од поевтиниот Nokia 6, што е нормално, може да се очекува и дека смартфонот ќе биде еден од најиздржливите и најцврстите на пазарот.

Негов адут секако ќе биде и скоро чистата верзија на Android Nougat 7.1.1, како и ветувањето на брзи надградби во иднина благодарение на ваквата одлука на производителот.

Сепак, кај Nokia 8 не очекувајте многу фенси дизајн – според фотографиите кои ги имаме, ова ќе биде еден прилично досаден паметен телефон однапред и покрај тоа што ќе биде понуден во неколку бои – сребрена, златна и сина.

HMD Global инаку го потврди датумот 16 август како ден кога ќе биде претставен овој модел, преку праќање покани до многу светски медиуми и публикации.

Извор: Android Central, PhoneDog, The Verge

Претходна статијаFactitious: Онлајн игра која ја тестира нашата способност да препознаеме лажни вести
Следна статијаНовите Windows 10 надградби нема да ги поддржуваат постарите процесори и компјутерски компоненти