HMD Global претстави нов модел во гамата на Nokia, кој со бројката „7“ назначува дека се работи за смартфон од средно – високата класа, кој според тоа што има да го понуди, го прави веројатно најинтересниот модел на финско-кинескиот бренд во моментов, особено што има коректна цена која нема да биде пречка за купувачите од нашата земја.

Nokia 7 е одлично дизајниран смартфон со алуминиумска рамка и стакло напред и назад, кој и покрај малку поголемата рамка околу дисплејот, вака барем на фотографии одлично може да се носи со некој премиум смартфон од високата класа. Всушност, мое мислење е дека изгледа подобро и од многу од нив, вклучувајќи го тука Nokia 8, но со тоа и не мора да се сложите.

Дисплејот на Nokia 7 има големина од 5,2 инчи и Full HD резолуција, што се чини како повеќе од доволно за таа големина, а во внатрешноста се вградува солидниот Snapdragon 630 процесор, кој сигурно нема да има проблем со кочење во најпопуларните апликации, особено што е придружен од 4 или 6 GB рам (зависно од моделот) и простор од 64 GB со можност за проширување преку micro SD картичка.

Како и секој Nokia смартфон и тука голем фокус има на камерите, кои ќе ја имаат истата Bothie функција како на Nokia 8, која овозможува да фотографирате со предната и задната камера одеднаш. Кога сме кај самите камери, задната има сензор од 16 мегапиксели и брза f/1.8 бленда, додека предната има 5 мегапиксели и f/2.0 бленда. Со задната камера ќе може да се снима и видео со квалитетен аудио запис од Nokia OZO сетапот на микрофони.

Nokia 7 ќе се полни преку USB Type-C приклучок, со поддршка за брзо полнење, но за разлика од многу конкуренти од високата класа, ќе има 3,5 mm излез за слушалки. Телефонот доаѓа и со вградена „ванила“ верзија на Android 7.1.1, со ветување за брзи надградби на понови верзии. Ќе биде понуден во две бои – црна и бела, додека цената ќе изнесува околу 370 евра за моделот со 4 GB рам, односно околу 400 евра за моделот со 6 GB рам меморија. Со оглед на спецификациите, ова е навистина поволна цена.

Извор: GSMArena, The Verge, PhoneDog

Претходна статијаСамсунг ја зголеми мобилноста за глобалната работна сила со збогатениот Галакси Таб Актив2
Следна статијаZwim се очила за пливање со вграден дисплеј за прикажување информации