HMD Global, компанијата која стои зад новите смартфони со брендот Nokia, го лансира нивниот најевтин смартфон, кој ќе чини само 99 евра и кој има слаби спецификации, што секако е очекувано за тие пари, но огромна батерија, која со оглед на другите компоненти, нема да има проблем да издржи два дена со едно полнење.

Дисплејот на Nokia 2 е единствен кој не одговара на ниската цена – има големина од 5 инчи и HD резолуција. Сепак, внатрешните компоненти не се особено возбудливи – процесорот е Snapdragon 212, помогнат од само 1 GB рам меморија и 8 GB простор за податоци. За среќа, телефонот е опремен со слот за micro SD картичка.

Најголем адут на овој смартфон е огромната батерија, која има капацитет од 4.100 mAh. Ова, според Nokia ќе биде доволно за дводневно користење со дури 5 часови вклучен дисплеј секој ден, што е во најмала рака импресивно.

Она што не е импресивно се камерите – задната има 8 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели. Сепак и тука не смее да се очекуваат чуда – телефонот чини навистина малку.

Покрај огромната батерија, Nokia 2 може да се пофали и со чиста верзија на Android Nougat (ќе има надградба на Oreo), која треба да помогне во перформансите и да го „замачка“ фактот дека процесорот е прилично слаб и која има и Google Assistant, нешто со кое не можат да се пофалат конкурентите кои чинат толку малку пари.

Nokia 2 ќе биде достапна во средината на ноември, по цена од само 99 евра. Ќе бидат понудени три бои: црна, бела и бакарна.

Извор: GSMArena, Engadget, BGR

Претходна статијаСамит Македонија2025: Отворените економии се единствен начин за развој на малите земји
Следна статијаMicrosoft патентира супер тенок 3,5 mm излез за слушалки