Минативе неколку години, Moto (поточно сопственикот Lenovo) е прилично конкурентен во ниската класа на смартфони со својата “E” серија. Овие телефони имаат основни спецификации, но прилично добри перформанси благодарение на чистата Android верзија, многу слична на онаа ог Google Pixel смартфоните. Новите два модели, E4 и E4 Plus имаат солидни спецификации за цената по која се нудат и многу подобар дизајн и изработка од претходно.

Имено, тие сега се изработени од алуминиум, што ги прави многу подопадливи. Всушност, однадвор лесно ќе може да ги згрешите и за некој поскап смартфон од средната класа. Секако, тука не очекувајте модуларност како кај друфите модели на Moto, но да се понуди Moto Mod кој ќе биде поскап од самиот смартфон е и малку несериозно.

Помалиот модел во понудата E4 има 5 инчен дисплеј со HD резолуција, Snapdragon 425 процесор, 2 GB рам меморија, 16 GB простор и солидна батерија од 2.800 mAh. Задната камера има 8 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели – прилично стандардно за еден смартфон од ниската класа. Неговата цена ќе изнесува 130 долари, што е исклучително ниско, макар се работи и за смартфон со такви спецификации.

За поголемиот дел од публиката многу поинтересен ќе биде E4 Plus, кој чини 50 долари повеќе и донесува неколку подобрувања. Прво, дисплејот има големина од 5,5 инчи со HD резолуција, процесорот е малку подобар – Snapdragon 427 со 2 GB рам и 16 или 32 GB простор и најважно од се, батеријата има масивни 5.000 mAh, кои со оглед на компонентите, сигурно ќе се доволни за два дена користење без да треба да го приклучите на полнач. Тука е подобра и задната камера – има 13 мегапиксели.

И двата модели ќе доаѓаат со инсталиран Android Nougat 7.1.1 и тоа во чиста верзија без дополнителен скин, како и секој Moto телефон последниве неколку години, кој покрај подобри перформанси, ветува и почести надградби на нови верзии, нешто што не е случај со скоро ниту еден телефон во ниската класа.

Извор: 9 to 5 Google, GSMArena, Engadget

Претходна статијаXbox One X е најмоќната играчка конзола досега, способна за 4K гејминг на 60 fps
Следна статијаНајдобрите практики во обновливи извори на енергија презентирани на бизнис форум во Стокхолм