Уште откако излегоа првите информации за уреди кои имаат дисплеј кој ќе може да се превитка, Samsung и Microsoft се имињата кои се спомнуваат најчесто. Ова не е чудно – Samsung е предводник со малите OLED свитливи дисплеи, додека Microsoft е компанија која не се плаши да истражува нови полиња, што го покажа одлично со HoloLens. Сега, американската компанија работи и на уред наречен Andromeda, кој е таблет кој ќе може да се превитка.

Засега сѐ уште не е сигурно дали овој уред ќе има дисплеј кој ќе може да се превитка или пак ќе има два екрани со шарки меѓу нив (исто како кај лаптопите), но јас се надевам дека Microsoft работи на поинтересната технологија со свитлив дисплеј. Ова би им овозможило своевиден повторен влез во светот на мобилните уреди, бидејќи Andromeda би можела да се користи и за правење повици (кога ќе биде склопен уредот), како таблет кога ќе биде отворен или како лаптоп со дополнителна тастатура.

Според (сиромашните) информации кои ги имаме, овој уред треба да има ARM чип, што значи дека ќе биде тенок и ќе има долго траење на батеријата. На него нормално и натаму ќе може да се инсталираат класични Windows програми, но тој ќе биде повеќе наменет за користење со допир на прстите и дигитално пенкалце, слично на тоа како се користи тетратка. Оттаму и преклопувањето на средина – Microsoft навистина сака овој уред да го замени вашиот нотес.

Интересно, ваков уред Microsoft имаше најавено и порано (се вика Courier, на фотографијата погоре), но тој никогаш не го здогледа светлото на денот, иако изгледаше прилично напредно за своето време.

Сето ова звучи навистина интересно – еден уред кој може да ги замени сите преносни уреди кои ги имате во моментов е навистина патот кон иднината. Сепак, засега технологијата која треба да се употреби е прилично егзотична и јас би бил претпазлив со оптимизмот, особено после неколку последователни разочарувања од Microsoft на мобилната сцена.

Извор: Windows Central, Engadget, GSMArena

Претходна статијаИнтервју со Вања Јосифовски – CTO во Pinterest и говорник на Macedonia2025 Summit
Следна статијаКако да градиме корпоративна култура во ера на фриленсери?