terry-myerson-wdg-event-2016-2-100689592-large-3x2

По илјадити пат последниве неколку години интернетот пишува дека Windows Phone, односно платформата за паметни телефони на Microsoft е мртва. Ова дополнително доби на тежина последнава година, бидејќи учеството на пазарот на Windows 10 Mobile падна под 1%. Сепак, приказната не е воопшто едноставна.

Имено, Тери Маерсон од Microsoft во интервју со Мери Џо Фоули од ZDNet, повтори дека Microsoft е посветен на Windows 10 Mobile. Сепак, ова не значи дека се посветени на правење паметни телефони – тие планираат и натаму да вложуваат во уреди со ARM процесори и можност за поврзување на телефонската мрежа, но тоа веројатно нема да бидат класични паметни телефони.

Според тоа, многу е пологично да се очекува Microsoft да претстави Surface уред идната година, кој нема воопшто да изгледа како телефоните од денешницата. Исто како со Surface Pro таблетот, кој го редефинираше поимот таблет и поимот лаптоп, овој уред би можел исто така да редефинира два видови на уреди, во овој случај таблет и телефон.

Лично очекувам со најавениот Surface Phone компанијата да ги врати ARM таблетите во Windows. Да потсетам, пред неколку години Microsoft лансираше Windows RT таблет, кој имаше Windows 8 верзија која можеше да работи само со модерните апликации. Овој таблет секако не успеа, бидејќи во тоа време оперативниот систем имаше многу малку модерни апликации.

Денес, Windows 10 еко системот е многу поразвиен, а со доаѓањето на стандардните Win32 апликации на Windows Store, може да се отвори простор за нови уреди со ARM процесори. Така, најавениот Surface Phone би можел да биде некој иновативен уред со можност за телефонирање, но и можност да се користи како таблет и евентуално лаптоп.

Во превод, сето ова значи дека Microsoft навистина планира да ги убие паметните телефони со Windows 10 Mobile, но не и уредите со Windows 10 Mobile. Всушност, паметниот телефон е уред кој веќе го доживува зенитот и Microsoft со промена во овој сектор би можел да има добра позиција во иднината, исто како што денес има со Surface линијата.

Извор: ZDNet, PC World

Претходна статијаIBM: Mac OS компјутерите се поевтини за одржување од Windows
Следна статијаDell најави свој “Surface Studio” десктоп со два дисплеи