Meizu можеби не е успешен како останатите кинески производители, но нивните смартфони се вистински интересни за нашиот купувач, бидејќи нудат солидни спецификации и изработка по многу ниска цена. Таков е и новиот M5s, кој е изработен од алуминиум и чини само 115 долари во Кина.

Секако, за таа цена не може да очекувате особено моќни компоненти. Процесорот е MediaTek MT6753 со осум јадра на 1,3 GHz, помогнат од 3GB рам меморија и 16 GB, односно 32 GB простор зависно од моделот. Во телефонот има и простор за micro SD картичка, што го прави моделот со помал капацитет уште поинтересен, бидејќи чини само 115 долари, наспроти 145 долари за моделот со 32 GB.

M5s е опремен со задна камера со 13 мегапиксели и f/2.2 бленда, додека предната камера има 5 мегапиксели. Батеријата има мошне солидни 3.000 mAh, кои треба да бидат и повеќе од доволни за целодневно користење, особено што 5,2 инчниот IPS дисплеј има само HD резолуција. Meizu M5s има и читач за отпечатоци на прстите поставен напред.

Телефонот ќе биде понуден во четири бои: црна, сребрена, златна и розе златна, како многу модели од високата класа. Како и многу други модели од Кина и овој има поддршка за dual SIM. Иако не е најавено, Meizu M5s би требало да пристигне и на другите пазари во светот.

Извор: GSM Arena, Slash Gear, NDTV

Претходна статијаTesla ќе произведе 200 автономни возила за такси компанија во Дубаи
Следна статијаAsus матични плочи на AM4 платформата за новите Ryzen процесори по доста прифатлива цена