Отприлика 5 месеци пред да биде претставен iPhone 8, на интернет мрежата протекоа фотографии од макетата на овој телефон (благодарение на Бенџамин Гескин од твитер). Ова е премногу рано за вакви фотографии и сликите земете ги со голема задршка, но како и да е, тие можат да бидат показател за тоа кон што цели Apple со својот нов знаменосец (нешто што ние и реално го знаеме).

Од она што може да се види на фотографиите од макетата, предниот дел ќе биде целосно дисплеј, без скоро воопшто рамка околу него. Страничниот дел е изработен од челик, кој треба да даде поголема цврстина од алуминиумот (но веројатно и поголема тежина), а предниот и задниот дел се од стакло. Целосниот дизајн делува како да е спој на iPhone 6, 6S и 7, со iPhone 4 и 4S – последните телефони на Apple кои беа изработени од стакло позади.

Она што не се забележува на сликите, а го има во нацртите, е дека дисплејот нема да има недостаток на рамка одоколу, туку таа ќе биде делумно покриена со темното стакло напред. Ова значи дека кога ќе го пуштите дисплејот, од сите страни ќе има мала црна рамка која ќе го опкружува, за разлика од Galaxy S8 на пример, кој барем од страните нема воопшто рамка. Исто така, дисплејот не е закривен на страните.

Потоа, како и што се очекуваше, Home копчето веќе не е присутно на iPhone, а читач за отпечатоци нема ниту во задниот дел, како кај цела плејада на Android телефони. Ова алудира на тоа дека читачот ќе биде вграден во дисплејот, што ако е точно, ќе биде најголемата иновација на Apple во овој телефон. Исто така, на десната страна е вградено копчето за будење на телефонот кое е прилично долго и кое најавува дека можеби Apple би можел и тука да вгради скенер за прстите? Останува да видиме.

Од изворот кој ги извади овие фотографии, дознаваме дека дебелината на телото ќе остане 7,1 mm, исто како на актуелните модели, што е одлично постигнување за телефон со толку мала рамка. Единствено, останува да видиме колкава батерија ќе успее Apple да вгради во овој смартфон, односно дали ќе биде скратено во овој дел.

Извор: 9 to 5 Mac, Tech Radar, Phone Arena

Претходна статијаWindows 10 Redstone 3 пристигнува во септември оваа година
Следна статијаПротекоа хардверските побарувања за Windows 10 Cloud