Заедно со својот 5G смартфон од високата класа, V50 ThinQ, LG во рамките на MWC 2019 претстави уште еден уред од високата класа, а тоа е наредната генерација од познатата G серија, G8 ThinQ.

Чисто за појаснување, ознаката ThinQ која LG порано ја користеше само во одредени модели, најчесто во V серијата, ја означува вештачката интелигенција која е присутна во уредите и е тука да помогне во одредени активности, а најчесто поврзани со фотографирањето. Во денешно време сите уреди од високата, па и средната класа, имаат вештачка интелигенција, па не е чудо што LG почна да ја користи оваа ознака и во G серијата.

LG G8 инаку е смартфон од високата класа и соодветно на тоа ги има потребните карактеристики. Работи на најновиот Snapdragon 855, а исто така има и 6 GB RAM меморија, како и 128 GB простор за податоци кој секако може да биде дополнет со додавање на картичка. Батеријата е со капацитет од 3.500 mAh, а телефонот работи на најновата 9.0 верзија од Android.

Екранот, којшто на горната страна има исечок, е за првпат во G серијата направен со OLED технологијата, што е одлична вест. Тој е со големина од 6,1 инч и има резолуција од 3120 x 1440 пиксели, што е доволно за да ја добие ознаката 2К.

На задната страна поставени се три камери со 16, 12 и 12 мегапиксели и како што најчесто е случајот, тие се поделени во камера со широк агол, стандардна и камера за подобро зумирање.

На предната страна е поставена една камера со 8 мегапиксели, меѓутоа таа се издвојува со тоа што користи ToF технологија која му овозможува LG G8 неколку посебни можности.

Покрај сензорот за отпечатоци на прстите на задната страна, G8 овозможува отклучување и преку препознавање на лицето. Тоа се прави со помош на правење на 3D слика од лицето со помош на ласери, односно ToF технологијата, што значи дека системот на може да биде излажан со обична слика од корисникот.

Оваа камера исто така овозможува и одлични ефекти на заматување на позадината при сликање, но најновата и најинтересна можност е следната. Ова е овозомжени од одличното препознавање на предметите пред сликата, односно нивната оддалеченост.

Камерата може да ја препознае формата, дебелината и други индивидуални карактеристики на вените во дланката на корисникот и со тоа да овозможи отклучување на уредот. Корисникот се што треба е да ја прикаже дланката пред камерата.

Предната камера, односно LG G8 исто така овозможува контрола на телефонот со гестикулации пред камерата. Корисниците ќе можат да прават контрола на звукот, на пример, на уредот преку мрдање на рацете пред уредот, како и контрола на некои други апликации и функции.

LG G8 исто така го користи екранот за овозможување на звук, а од компанијата истакнуваат дека и звукот е една од главните карактеристики и предности пред конкуренцијата.

Повеќе за LG G8 можете да прочитате на официјалната страна на овој линк, а во продолжение можете да го погледнете видеото од дечките од The Verge кои го имаат пробано телефонот.

ИЗВОРLG
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статија„Со Верна полни и секогаш добиј“ е новата наградна игра од Макпетрол за 2019
Следна статијаДостапна новата „се во едно“ Office апликација за Windows 10
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.