Сигурен сум дека многумина од вас сакаат да го имаат iPhone X – телефонот е навистина привлечен и препознатлив, па секој кој ќе ве види со него ќе помисли дека имате многу вкус. Сепак, неговата цена е претерано висока – преку 1.000 евра, што е огромна пречка да се совлада, особено за македонскиот купувач. За среќа, кинеските производители веќе почнаа да прават клонови на овој телефон, а најверен е оној на Leagoo, кој интересно има име S9.

Да бидеме реални, доколку се погледне подобро, телефонот е километри далеку од изгледот на iPhone X, но бидејќи рамката околу дисплејот е поголема, одобено во долниот дел. Сепак, од далеку Leagoo S9 може да го излаже недоволно истренираното око и тоа е веројатно доволно за купувачите. Интересно, Leagoo S9 нуди и задоволителни перформанси – тој има MediaTek P40 процесор од средно-високата класа, дури 6 GB рам меморија и 128 GB простор, повеќе и од основниот iPhone X.

Дисплејот, кој е направен да наликува на оној во iPhone X, има големина од 5,85 инчи и е AMOLED, што е одлична вест, а во задниот дел поставени се две камери со 16 мегапиксели, во иста ориентација како онаа кај оригиналниот модел со грицнато јаболко, но во предниот засек (очекувано) нема технологија за 3D препознавање на лицето. Нормално, телефонот е целосно изработен од стакло и алуминиум, како целосно би се доловил изгледот на iPhone X, но целосно очекувано, оперативниот систем е Android.

Засега нема подетални информации за овој телефон, како и тоа дали воопшто ќе биде донесен на нашиот пазар, но најавено е дека цената ќе изнесува под 300 долари. Со оглед на тоа какви перформанси нуди тоа и не е премногу, дури и ако се спореди со некои други Android конкуренти, а не со супер скапиот iPhone X. Во превод, ако навистина сакате другите да мислат дека имате iPhone X, телефонов и не би бил толку лош избор.

Извор: The Verge, Mac Rumors, 9 to 5 Mac

Претходна статијаБрзината на интернет се поодлучувачка за избор на оператор: Неотел со најатрактивни понуди на супер брз интернет на пазарот
Следна статијаФил Шилер од Apple: технологиите за препознавање на лице на Android „смрдат“