Како одминуваат деновите, се намалува потребата Samsung воопшто и да одржи посебна промоција за нивното ново дуо на смартфони од високата класа – веќе знаеме скоро се за нив. Сега, имаме „скриншотови“ од корисничкиот интерфејс, кој е уште поминималистички од тој на актуелните модели, па дури и од стандардниот Google Android интерфејс.

Сега, главните икони се изведени само во една боја, со тенка бела графика во внатрешноста. Ова придонесува за многу почист изглед, особено споредено со постарите скинови на Samsung, кои буквално изгледаа како детска боенка. Иконите се поминималистички и од оние во оригиналната Android верзија и за многу корисници ќе бараат време за навикнување.

Проблем со овој кориснички интерфејс веројатно ќе има кога корисникот ќе инсталира многу други апликации, кои имаат стандардни, обоени икони. Мешавина на различни дизајнерски стилови не е никогаш добра работа, но со оглед на тоа што Galaxy S8 и S8+ ќе бидат супер популарни, голема е можноста дивелоперите да додадат минималистички икони токму за овие телефони.

Покрај иконите, на сликите може да се види и дека позадините ќе бидат многу различни. Наместо супер обоените позадини во претходните Galaxy S модели, кои ги покажуваа квалитетите на AMOLED дисплејот, во S8 и S8+ тие ќе бидат градиент на една боја, што одлично одговара на новите икони.

Промената во дизајнот на корисничкиот интерфејс на новиот Samsung Experience скин е уште еден знак дека Samsung посветил особено големо внимание на подобрување на целото искуство на користење на новите Galaxy S8 смартфони, а не само на нов дизајн на хардверот.

Извор: GSM Arena, Talk Android, Phone Arena

Претходна статијаIntel го купува Mobileye за 15 милијарди долари
Следна статијаMicrosoft Teams официјално достапен за сите бизнис Office 365 корисници