Фото: MacRumors

Поради недостаток на некои поголеми промени и новини кај телефоните, почнуваме да се интересираме на помалите промени кои можеме да ги очекуваме во годините што следат. Добро е што барем процесорите напредуваат со одреден задоволителен процент, па заедно со примените кај камерите, продолжува оправданоста за промена на телефонот на секои две години, во „најлош“ случај.

За iPhone 14 моделите, односно тие кои треба да бидат претставени оваа есен, се најавува дека Apple се има одлучено да престане да го користи исечокот на екранот, нешто што веќе ретко се користи кај Android конкурентите.

Ова сепак ќе важи само за Pro моделите, а основните два модели ќе го задржат исечокот од оваа година, барем според неофицијалните информации кои обично се покажуваат како точни.

Според најчесто точниот Рос Јанг, Apple ќе почне да го користи годинешниот концепт на дупка за камерата и дупка во форма на „апче“ за Face ID системот и кај основните модели од идната година, односно овој концепт ќе се користи кај сите iPhone 15 модели.

Почнувајќи од 2024, односно од iPhone 16, Apple ќе почне да користи технологија која ќе овозможи Face ID системот да биде под екранот, со што iPhone ќе има само една мала дупка за камерата, како што тоа го практикуваат за камерите Android конкурентите. Ова повторно ќе важи само за Pro моделите, додека на тоа ќе се приклучат и основните модели наредната година, односно iPhone 17 телефоните во 2025 година.

Тоа што повеќето го чекаме, телефони без никакви исечоци и дупки, со ставање на камерата и сензорите под екранот, за iPhone ќе се случи дури во 2026 година со претставувањето на iPhone 18 Pro моделите, а основните ќе ја задржат дупката за камерата од претходната година.

Покрај овие промени, уште од оваа година се очекува намалување на рамките околу екранот, кои кај iPhone 14 се најавува дека ќе бидат помали за 20% од ланските модели.

Поради намалувањето на рамките, како и користењето на „дупки“ наместо исечок, се очекува зголемување на димензиите на екранот кај Pro моделите, па така iPhone 14 Pro ќе има екран со 6,12 инчи, за разлика од сегашните 6,06, додека iPhone 14 Pro Max ќе има екран со 6,69 инчи, многу мало зголемување од сегашните 6,68.

ИЗВОРMacRumors
ИЗВОР 2MacRumors
Претходна статијаTEDx носи говорници од Google, META, Al Jаzeera во Скопје на 21.5.2022
Следна статијаРСБСП: Потпишување на декларација за безбедност на децата во сообраќајот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.