Иако до претставувањето на iPhone 15 има уште десетина месеци, сепак шпекулациите и информациите за наредната генерација од iPhone ги има многу уште сега. Веќе имавме една „тура“ на информации, а сега веќе има доволно нови информации за да се дополни листата со очекувања.

Според најновите информации, треба да се очекува уште поголема разлика помеѓу основните iPhone 15 модели и Pro моделите. Оваа година веќе видовме поголема разлика, а идната Apple изгледа ќе ја направи уште поистакната.

Разликите ќе одат до тој степен што се шпекулира дека iPhone 15 Pro Max ќе има доволно посебни карактеристики што можно е да биде наречен iPhone 15 Ultra, но има време додека го видиме тоа.

iPhone 15 Pro моделите треба да работат на A17 Bionic чипот којшто ќе биде направен на втората генерација од 3nm процес на производство во TSMC. Исто така, овие модели идната година се најавува дека ќе имаат повеќе RAM, па наместо 6GB како досега и како што ќе имаат основните модели, Pro моделите може да се очекува да дојдат со 8GB.

USB-C е уште една новина која повеќе пати се споменува дека ќе стане дел од iPhone 15 серијата, а во главно поради тоа што Apple мораат да го користат овој приклучок по донесувањето на нов закон во ЕУ.

Тоа што е интересно како информација, а може да се каже прилично типично за Apple овие години, е поддршката за USB 2.0 стандардот кај основните модели, наместо USB 3.2 како што ќе биде случајот кај Pro моделите. Со ова, основните модели ќе имаат доста помала брзина за пренос на податоци, но тоа најверојатно скоро никој нема да го забележи при стандардното користење.

iPhone 15 Pro Max се очекува дека ќе има можност за 10 пати оптичко зумирање при сликање, нешто што Apple во главно го држи на 3 пати, додека Android конкуренцијата може да прави слики од Месечината, на пример. Оваа карактеристика се очекува дека ќе биде достапна само кај најскапиот модел.

iPhone 15 серијата се очекува да добие и редизајн, со оглед на тоа што веќе е време. Моменталниот дизајн се користи веќе три години, што значи дека Apple сигурно подготвуваат некакво освежување.

Според информациите, можна е промена на рамните страни кои идната година ќе добијат мало заоблување на долниот дел, нешто слично како што беше случајот со iPhone 5c. Изработката се најавува дека ќе биде од титаниум, па споредбите со постариот и поевтин телефон тука застануваат.

ИЗВОРMacRumors
ИЗВОР 2PhoneArena
Претходна статијаДенеска во Скопје се одржува вториот Социо-еколошки форум на високо ниво
Следна статијаКомпјутерите со ARM чипови се очекува да бидат 30% од пазарот до 2026 година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.