Apple вчера ги претстави своите телефони за годинава, iPhone 12 серијата која овој пат е составена од четири модели. iPhone 12 mini е главниот новитет за кого имаше доволно шпекулации за да знаеме дека можеме со сигурност да го очекуваме.

Тоа што е одлично како одлука од Apple, а сигурно ќе им претставува проблем на конкурентите, е што сите четири модели доаѓаат со скоро исти карактеристики, а секако Pro ознаката кај двата појаки модели донесува по некоја предност, кај камерите, материјалот на страната, како и сензорите.

Сите четири модели доаѓаат со, да го наречеме, старо новиот дизајн, кој е рамен од страните и ја има познатата алуминиумска или челична лента, зависно од моделот.

Исто така, сите четири модели работат на најновиот чип од Apple, A14 Bionic, кој повторно ќе ги стави iPhone телефоните на врвот кога се во прашање перформансите, а сега и тие што ќе дадат нешто помалку пари ќе може да бидат сигурни во тоа. Сите модели доаѓаат со поддршка за најголем број на 5G мрежи.

Исто така, сите модели, не само Pro, доаѓаат со OLED екран и најмалку Full HD резолуција, но за жал исечокот на горната страна останува и не е баш намален, барем на доволно.

Тоа што исто така е случајот кај сите модели, а можевме да го прочитаме на почетокот од летото како неофицијална информација, е дека во кутијата корисниците нема да добијат полнач, а ниту слушалки.

Тие што веќе имаат полнач од Apple може да продолжат да го користат, а во кутијата доаѓа кабел за истиот, но тие што за првпат ќе преминат на iPhone, треба на цената да планираат барем уште еден дополнителен полнач.

Ова е нешто што сигурно ќе стане стандард кај повеќето производители, со оглед на тоа што и за Samsung веќе има најави дека ќе почне со ваквата практика од идната година, а ЕУ веќе носи и закони поради заштита на околината.

Претходна статијаШто сѐ нудат современите паметни QLED телевизори?
Следна статијаAdidas Strung е новиот модел на патики создаден од робот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.