huawei-nexus-logo-aa

Кинескиот производител последниве две години имаше огромен раст на продажбата, за што веројатно една од причините беше и тоа што го произведуваа одличниот Google Nexus 6P. Благодарение на тоа, Google повторно ги избрал токму Huawei како партнер за производството на новите Pixel телефони, но Кинезите одбиле.

Причината за тоа е што Pixel телефоните немаат воопшто лого на производителот, односно оној кој ќе ги изработи, туку само на Google. Претходно, на сите Nexus уреди, покрај логото на Google го имаше и логото на производителот на самиот телефон. Воедно, производителите на Nexus уредите не само што ги произведуваа, туку и целосно го развиваа хардверот за телефоните.

Кај Pixel работите сепак се различни – Google ги промовира овие телефони како целосно свои, вклучувајќи ги и софтверот и хардверот и секако не би сакал да има име на друг бренд на нив. За изработката на Pixel телефоните инаку е задолжен HTC, кој најверојатно поради слабите продажни резултати последниве неколку години се сложил да го направи тоа.

Информацијата дека Huawei го одбил Google доаѓа директно од еден од челниците на кинеската компанија, Колин Гилс. Според нив, тие планираат да изработуваат само телефони кои ќе го имаат логото на компанијата, со цел поголема промоција на брендот низ светот. Huawei е инаку најголем кинески производител во моментов и редовно е меѓу 5-те најголеми производители во светот.

Извор: Forbes, Android Authority, GSM Arena

Претходна статијаOnePlus го претстави 3T – доаѓа со поголема батерија која побрзо се полни и најновиот Snapdragon 821
Следна статијаВиртуелна Реалност: Предности и слабости