Тајванскиот производител HTC последниве неколку години игра „втора виолина“ на Samsung и Apple, но останува фактот дека тие и натаму прават исклучително квалитетни смартфони, со одлични перформанси и изработка. Сепак, HTC дефинитивно малку касни во следењето на најновите трендови, како на пример екран со мала рамка кај U11, нешто што треба да биде исправено со HTC U11 Plus, кој ќе биде подобрена верзија на знаменосецот за 2017 година.

Имено, според најновите протечени информации и фотографии, како многу конкуренти во високата класа, U11 Plus ќе има 6 инчен дисплеј со 18:9 сооднос и многу помала рамка околу него отколку кај обичниот U11. Засега нема информација за резолуцијата на екранот, но мислам дека таа сигурно ќе биде 2880х1440 пиксели, додека задниот дел сигурно ќе биде обоен исто како U11, односно со бои кои се прелеваат како што се врти телефонот.

Во внатрешноста на телефонот ќе бидат вградени моќни компоненти, како Snapdragon 835 процесор помогнат од 4 GB рам меморија и 64 GB простор, со можност за 6 GB рам и 128 GB простор со доплата. Камерата позади ќе има 12 мегапиксели и скоро сигурно ќе биде истата како кај HTC U11, а телото ќе има и IP68 заштита од вода и прашина, исто како кај Galaxy Note 8 и iPhone X. Батеријата пак има 3.930 mAh, што е одлична вест.

Иако сите овие се протечени информации, мислам дека се прилично доверливи, особено што веќе е најавено дека HTC ќе претстави нов смартфон на 2 ноември. Засега не е позната само цената, но очекувајте да не биде пониска од 800 евра, што се чини е долната граница за големи смартфони со мала рамка од високата класа.

Извор: The Verge, TechRadar, Know Your Mobile

Претходна статијаSamsung работи на Linux десктоп за нивните Android смартфони
Следна статијаПрви импресии: Huawei Mate 10 Pro е достоен конкурент во премиум класата