HTC-One-A9_Aero CarbonGrey

Најновиот телефон од средно високата класа на HTC, One A9, предизвика многу негативни реакции со својот поларизирачки дизајн, кој многу потсетува на оној на новите iPhone-и, но од друга страна ќе биде првиот во понудата на тајванскиот производител кој ќе добива надградба на нов Android софтвер, само 15 дена по Nexus телефоните на Google, што е навистина за пофалба.

Android важи за оперативен систем кој веќе подолго време има проблем со надградување на уредите на новите верзии и тоа важи за скоро сите производители освен Google и нивната Nexus серија. Дури и супер популарни телефони, како на пример Samsung Galaxy серијата, каснат и по неколку месеци со нова верзија. Ова се случува пред се поради тоа што сите други производители имаат свои дополнителни скинови на оперативниот систем, за чиј развој исто така треба подолго време.

One A9, барем како што ветија од HTC, нема да го има овој проблем и телефонот ќе ги добива новите верзии во првите 15 дена од моментот кога Nexus телефоните ќе ги добијат, што во светот на Android е брзо како молња. Надградбите ќе се однесуваат само на отклучените верзии, односно не и на телефоните купени од некој оператор со договор, бидејќи во тој случај самиот оператор ја контролира надградбата.

И на крај да се вратиме на самиот дизајн на телефонот. Да, One A9 е скоро идентичен на iPhone, освен во некои детали, но HTC во своја одбрана кажа дека Apple прв ги ископирал нив, односно алуминиумскиот дизајн со пластични линии за антените. Што е и делумно точно – HTC беше прв на сцената со таков уред.

Сепак, самото тоа што од HTC признаваат дека нивниот нов модел личи на iPhone, ова со сигурност е направено и намерно и е можеби нов план на компанијата која е веќе подолго време во надолна линија. Всушност, самиот дизајн на телефонот не натера веќе неколку пати да пишуваме за него, што е само плус за HTC!

Извор: Android Central, The Next Web

Претходна статијаSamsung Galaxy On 5 и On7 – Атрактивни и евтини смартфони за источните пазари
Следна статијаACER претстави прототип од електрично возило