По претставувањето на првите телефони по продажбата на Honor, од две различни серии, сега од компанијата ги претставија своите први „флегшип“ уреди, а истите ќе им бидат достапни и на корисниците надвор од Кина.

Honor Magic3 е новата серија која ќе дојде со сервисите и апликациите од Google, па доста од фановите на Huawei може да најдат алтернатива кај овој поранешен под бренд на Huawei.

Magic3, Magic3 Pro и Magic3 Pro+ се три нови уреди кои се дел од оваа серија и тие се од највисоката класа, а и цените се соодветно високи.

Дека се работи за највисоката класа веднаш се гледа од Snapdragon 888+ на кој ќе работат Magic3 Pro и Magic3 Pro+, а и основниот модел нема да биде „за жалење“ и ќе работи на Snapdragon 888.

Меморијата кај уредите ќе биде 8GB RAM кај првите две модели, додека најсилниот ќе има 12GB. Просторот за податоци ќе биде со капацитет од 256GB, односно 512GB кај Pro+ моделот.

Според објавените информации, цените ќе бидат прилично високи, а посебно кога ќе се земат очекувањата дека овој бренд би имал нешто пониски цени. Honor Magic3 ќе се продава по цена од 899 евра, Magic3 Pro за 1.099 евра, додека Magic3 Pro+ ќе се продава за високи 1.499 евра.

Трите модели доаѓаат со 6,76 инчен екран направен во OLED технологија и 120 херци стапка на освежување со резолуција од 1344p. Нестандардно за телефоните од оваа година, екранот ќе дојде со големо заоблување од страните.

За разлика од екранот, камерите кои се поставени на задната страна се различни кај трите модели. Magic3 доаѓа со три камери, односно 50 мегапикселна главна камера, 13 мегапикселна камера со ултра широк агол на сликање, како и 64 мегапикселна монохроматска камера.

Magic3 Pro доаѓа со четири камери, односно истите од основниот модел, плус уште една 64 мегапикселна камера со можност за оптичко зумирање од 3,5 пати. Најсилниот модел ги има истите камери, но со поголем сензор кај главната камера со 50 мегапиксели и резолуцијата кај камерата со широк агол на сликање на 64 мегапиксели.

Батеријата кај трите модели е со капацитет од 4.600 mAh и може да се полни со брз полнач од 66W, додека Pro и Pro+ моделите имаат и безжично полнење од 50W.

ИЗВОРHonor
Претходна статијаFacebook ја прошири достапноста на шифрирана комуникација и кај аудио и видео разговорите во Messenger
Следна статијаOrange тврди дека нивната самостојна 5G мрежа во облак е прва во Европа
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.