HMD Global, сопственикот на правата за Nokia брендот, го претстави својот најнов Android уред од средно високата класа. Nokia 8.1 е името на овој уред и ќе биде достапен по цена од околу 400 евра.
Телефонот доаѓа со одлична изработка која од страните вклучува метална рамка, а изборот на боите на уредот е од три.
Nokia 8.1 работи на Snapdragon 710 чипсетот, вклучува 4 GB RAM меморија, како и 64 GB простор за податоци. Батеријата на уредот има одлични 3.500 mAh, што кога ќе се земе во предвид процесорот, сигурно може да издржи еден цел ден, а од Nokia тврдат дека може и два.
Екранот на Nokia 8.1 е со големина од 6,18 инчи, што значи дека се работи за голем уред. Резолуцијата е Full HD+, што е повеќе од доволно и очекувано за оваа класа.
Големината на уредот сепак нема да биде неудобна за користење поради малите рамки околу екранот. На горната страна вклучен е и веќе познатиот исечок, за кој јас лично чекам кога ќе престане да се користи кај мобилните.

На задната страна Nokia 8.1 има двојна камера со ZEISS оптика и 12, односно 13 мегапиксели и оптичка стабилизација. Предната камера е со 20 мегапиксели и се гледа дека Nokia целат кон голема група на селфи сликачи.
Уште една работа која се истакнува кај Nokia 8.1 е HDR10 поддршка на екранот. Тоа значи дека снимените видеа во HDR, како и таквата содржина на стриминг сервисите како Netflix, ќе има посебен квалитет.
Nokia 8.1 работи на најновата верзија од Android, односно 9 Pie, а со оглед на тоа што се работи за Android One уред, корисниците можат да очекуваат надградби на било која наредна верзија, заедно со останатите Google уреди.