Иако имаше неколку потврди, покрај неофицијалните најави, сепак го чекавме официјалното претставување на Galaxy S23 серијата за да бидеме сигурни дека гласините се точни.

На задоволство на многу корисници, Samsung нема да го користи нивниот Exynos чип кај Galaxy S23 серијата, па Snapdragon 8 Gen 2 е единствениот чип којшто ќе дојде во сите региони од светот.

Да, ова значи дека за првпат после повеќе години, корисниците во Македонија ќе го имаат Galaxy S телефонот со Snapdragon чип, па за тоа нема да треба да го купат истиот преку неофицијалните мобилари.

За некои корисници разликата не е нешто што може да се забележи, но за доста „недостатоците“ на Exynos беа лесно забележливи. Во основа, Exynos верзијата имаше проблеми со полесно загревање, послаби перформанси кои можеа да се забележат при сликање, на пример, како и поголемо трошење на батеријата.

Сега, со Snapdragon 8 Gen 2, корисниците го добиваат најдоброто на пазарот, па можат да бидат сигурни дека веќе не би можеле да имаат вакви проблеми.

Дополнително, партнерство помеѓу Samsung и Qualcomm, покрај за други работи, доведе до развој на посебна верзија од Snapdragon 8 Gen 2, која го има додатокот „For Galaxy“. Ова значи дека корисниците на Samsung добиваат нешто посилна верзија од чипот, за разлика од другите, па може да очекуваат подобри перформанси во одредени ситуации, како при играње на игри.

Кога сме на темата за игри, Galaxy S23 доаѓа со познатата „ray tracing“ технологија, па игрите на овие телефони е јасно дека ќе се играат со едни од најдобрите перформанси, ако не и најдобрите.

Претходна статијаSamsung ја претстави серијата на паметни телефони Galaxy S23 за врвно искуство на денешницата
Следна статијаSpotify и Phone Link се два нови „виџети“ кои стануваат достапни во Windows 11
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.