Лани, скоро сите насловни страни беа пополнети со Galaxy Note 7 смартфонот на Samsung, но не поради работи кои ги сакаше производителот, туку поради самозапаливоста на телефонот. Samsung сигурно ќе биде особено претпазлив со новиот модел, кој треба да биде лансиран во август оваа година, но воедно и ќе вгради се што знае и умее во него, со надеж дека ќе гризне што поголем дел од колачот на iPhone 8, за кој исто така се очекува да биде голем хит.

Како и кај Galaxy S8 и S8+, главен фокус ќе биде ставен на дисплејот, кој тука ќе има големина од 6,4 инчи. Се очекува дека и Note 8 ќе има “Infinity Display”, односно многу мала рамка во долниот и горниот дел, која според најавите ќе биде помала од онаа на S8-ките, нешто што може да се потврди и од протечените видеа на стаклото за дисплејот. Кај Note 8 веројатно ќе биде помало и закривувањето на страните, додека резолуцијата ќе биде 4K. Ова можеби за многу корисници ќе биде непотребно многу резолуција, но таа може да направи голема разлика во гледањето или играњето на VR содржини, каде Samsung сака да ја задржи лидерската позиција.

Galaxy Note 8 Ќе биде опремен со Exynos 8895 процесорот на Samsung или со подобрената верзија на знаменосецот на Qualcomm, Snapdragon 836 (зависно од пазарот), веројатно надополнети со 6 или 8 GB рам меморија и 128 GB простор за податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. Очекувајте и дека телото ќе биде целосно водоотпорно, а во супер малите димензии на смартфонот и натаму ќе има место за S-Pen пенкалцето. Голем хит може да биде сензорот за отпечатоци, кој веројатно ќе биде вграден во самиот дисплеј, нешто што Samsung не успеа да го направи со S8-ките, кои во концептната фаза го имале, но технологијата сѐ уште не била спремна за финален продукт.

И половина од сите овие најави да се точни, факт е дека Samsung ќе има вистински победник со новиот Galaxy Note 8, кој не само што ќе го обели образот на својот претходник, туку може да биде и вистински трн во окото на Apple и нивниот револуционерен iPhone 8. Дефинитивно ќе имаме интересна есен оваа година.

Извор: Blorge, CNET, TechRadar

Претходна статијаНов концепт за Google Pixel 2 најавува смартфон со многу мала рамка околу дисплејот
Следна статијаБританските служби ја обвинуваат Северна Кореа за WannaCry нападот