locked-iphone-630x386

Последниве неколку недели, FBI и Apple ја почнаа една од најголемите битки за заштита на сајбер правата на луѓето. Имено, федералното биро побара од гигантот од Купертино да направат софтвер со кој ќе може да се декриптира iPhone 5C смартфон, кој припаѓал на терорист учесник во нападите во Сан Бернардино и потоа да се искористат информациите во него за да се фати целата терористичка ќелија, додека Apple одби да го направи тоа за да ги заштити информациите на корисниците.

Сепак, според нови информации, на FBI нема да му треба Apple за да го пробијат фамозниот iPhone. Доколку досега се обидеа да го направат тоа, ризикуваа телефонот да ги избрише сите податоци или пак да изгубат многу долго време на декриптирање, но сега на помош имаат специјализирана израелска компанија.

Cellebrite е етаблирана компанија за форензички решенија за декриптирање, од земјата чија МОСАД агенција за разузнавање и контраразузнавање е една од најмоќните во светот. Токму тоа што имаат соработувано со властите во Израел е доволен показател за нивното одлично портфолио, нешто на кое FBI секако ќе може да се ослони.

Интересно, Cellebrite веќе има потпишано договор за соработка со FBI уште во 2013 година и навистина е чудно што дури сега им текна на федералните агенти дека можат да ја искористат за пробивање на телефонот. Дали чекаа на одговорот од Apple и сакаа да направат фама од целото декриптирање на iPhone-от не би сакал да шпекулирам, но на ова навистина можеше порано да им „текне“.

Инаку, Cellebrite има можност да ги открие конекциите на непопуларниот iPhone, односно повиците и пораките, кои би требало да се доволни за да се најдат евентуалните соучесници во терористичката ќелија.

Извор: TechnoBuffalo, TechCrunch, The Verge

Претходна статија5D дискови можат да зачуваат податоци ектремно долго време
Следна статијаПротетски хипокампус за враќање на меморијата