Еден од најочекуваните смартфони ова лето, кој предизвика вистински овации кога беше лансиран, сѐ уште не е достапен во продавниците. Essential Phone е инаку креација на Енди Рубин, човекот кој го создаде Android оперативниот систем и кој со овој смартфон сакаше да направи нешто поразлично на Android сцената.

Според најновите информации, Essential Phone ќе почне да се продава на 25 Август. Телефонот сигурно ќе има добри продажни резултати, бидејќи има исклучителен дизајн со многу мала рамка околу дисплејот и врвни спецификации. Имено, процесорот ќе биде Snapdragon 835, помогнат од 4 GB рам меморија и 128 GB простор за податоци. Дисплејот, главната карактеристика на Essential Phone, има големина од 5,71 инчи и висока резолуција од 2.560х1.312 пиксели.

Камерите на Essential не се особено импресивни на хартија, но останува да видиме колку извадиле од задниот сензор до 13 мегапиксели и предниот со 8 мегапиксели инженерите во компанијата. Батеријата има 3.040 mAh часа, што е прилично малку за толкав телефон и е веројатно најголемиот недостаток на овој смартфон, барем на хартија.

Покрај тоа што има врвен дизајн, Essential Phone може да се пофали и со модуларност – на него на пример може да се прикачи камера која може да снима 360 степени, а подоцна се очекуваат и други модуларни додатоци, слично како кај Moto Z серијата на паметни телефони.

Инаку, веста дека Essential Phone конечно ќе биде лансиран на пазарот ја соопшти токму Енди Рубин, што е одлична вест, но самото тоа што телефонот беше одложен веќе неколку пати не може да влее многу доверба кај купувачите, особено на пример за модуларните додатоци во иднина. Сепак, телефонот сигурно ќе пристигне на пазарот и тоа по конкурентна цена од 699 долари и единствено останува да видиме преку кои канали ќе можеме да го набавиме и ние во нашата земја.

Извор: TechRadar, ARSTechnica, PhoneArena

Претходна статијаНеофицијални слики од Moto X4 – телефон од средно високата класа
Следна статијаПотврдено: iPhone 8 ќе има голем 5,8 инчен дисплеј и минимална рамка