Ко-создавачот на Android, Енди Рубин, неодамна најави дека неговата компанија Essential ќе лансира нов смартфон, кој ќе ги помести границите во класата. Првата фотографија го потврдува ова – смартфонот нема рамка во горниот и страничните делови, но според најавите од Рубин, рамка нема да има ниту во долниот дел.

Според тоа, ова ќе биде првиот смартфон во светот без рамка од сите четири страни на дисплејот. Ваков смартфон лично ме потсетува на многу смартфони во научно-фантастичните филмови и мислам дека чекавме доволно долго за и ние да можеме да го имаме во нашите раце.

Сепак, за ова веројатно ќе треба да се издвои значителна сума, бидејќи Essential ќе се фокусира само на високата класа, како противник на Apple iPhone и Samsung Galaxy S сериите.

Најавата за овој смартфон инаку доаѓа директно од Енди Рубин, кој фотографијата ја објави на својот твитер профил. Со оглед на тоа што тој стои зад овој проект и што неговиот стартап успеа да привлече 100 милиони долари инвестиција од Softbank, може да сме сигурни дека овој смартфон дефинитивно ќе биде лансиран и дека покрај недостатокот на рамката, ќе има низа други врвни карактеристики.

Најавата на Едни Рубин сепак не вклучува дефинитивен датум кога ќе биде лансиран смартфонот, а уште помалку се спомнува цена. Може да се случи да чекаме и неколку месеци, но според првата фотографија, јас велам дека вреди да се почека.

Како и да е, само времето ќе покаже дали Essential ќе биде успешен бренд или ќе се удави во своите амбиции, нешто што им се има случено на многумина досега.

Извор: Tech Crunch, The Verge, 9 to 5 Google

Претходна статијаКинескиот Tencent купи 5% од акциите на Tesla
Следна статијаiOS 10.3 достапен за корисниците