Фото: MacRumors

MacRumors објави дизајни направени од нивна страна врз основа на информациите кои тие ги имаат добиено за процесот на тестирање на можните промени кај iPhone 16 од страна на Apple.

Од овие слики може да се видат и нешто поголеми промени, како што е враќањето на стилот од iPhone X за дизајнот на дел од модулот за камерите, но од MacRumors веруваат дека сепак големи промени во изгледот нема да има. iPhone 16 ќе го задржи сегашниот изглед на телефоните, а единствено може да се очекува повторно поставување на двете камери една над друга, промени за кои очекувано имаше шеги изминатите години.

Тоа што од порталот го очекуваат е промена кај Action копчето, кое кај основите модели ќе биде претставено првпат со iPhone 16 серијата. Ова копче се очекува дека ќе биде поголемо, а со тоа истото веќе нема да биде механичко копче, па ќе функционира на допир, со мала вибрација која треба да симулира притискање.

Вакво нешто се најавуваше за iPhone 15 Pro оваа година, но поради непотврдени проблеми, наводно Apple го имаат откажано воведувањето.

Уште една работа која исто така не ја читаме првпат, е воведувањето на целосно ново копче на страната каде што сега е копчето за заклучување. Ова ново копче би служело за сликање со камерата, односно би го направило iPhone повеќе како класична камера, барем кога е во прашање достапноста на посебно копче за сликање.

Според информациите кои ги имаат MacRumors и ова копче се очекува да биде „капацитивно“, односно копче на допир кои ќе симулира вистинско копче.

Има време до финализирањето на дизајните на новите модели од страна на Apple, па сигурно ќе излезат уште десетина нови неофицијални информации до тогаш.

Сите слики кои ги имаат направено од MacRumors врз основа на нивните информации, можете да ги погледнете тука.

ИЗВОРMacRumors
Претходна статијаSamsung ја носи колекцијата на легендарниот уметник Кит Харинг на телевизорите The Frame
Следна статијаСМАРТ Балкан проектот додели над 18 милиони норвешки круни за 11 регионални грантови
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.