dell-latitude-rugged-2015-07-21-03

Дали случајно вашата работа се состои од секојдневно пукање, управување со тенкови и топови на военото поле, криење по џбунови во камуфлажа и напад на непријателот, испречени со мали паузи за да се подобновите со најновите вести од технологијата и науката на СмартПортал? Тогаш Dell Latitude 12 е таблетот за вас!

Направен по стандардот MIL-STD-810G на американската војска, тој е супериздржлив 12 инчен таблет кој може да го топите, тресете, мавате, закопувате во земја и сепак да не пропушти да ја отвори последната вест кај нас. Големината на екранот е 11,6 инчи (1.366 х 768), а таблетот има и двојна заменлива батерија. Тоа значи дека можете слободно и во текот на работата да ја замените едната, па другата батерија, а да не престане со работа. Процесорот е Intel Core од 5-тата генерација, и има дури 512 гигабајти SSD внатрешна меморија!

Latitude 12 (ќе) работи на Windows 10 (засега 8.1), а неговиот екран осетлив на допир можете да го управувате дури и да имате дебели (војнички) ракавици. Тој е отпорен на вода, прашина, магла и влага, корозија, височини, „експлозивна атмосфера“ и тресење при пукање. Не се знае дали е отпорен на директен удар од куршум, па не можеме да ви кажеме со сигурност дали можете да го користите место плочките на панцирното одело.

Сепак, ова е таблет кој е правен да го издржи товарот на војничкиот живот (и на животот на несмасните цивилни корисници кои постојано истураат кафе врз, или ги буткаат своите преносни уреди во вода). Ако ви се допаѓа идејата, наскоро ќе можете да го нарачате од Dell за 3.649 долари. Со оглед на тоа што ви овозможува да проверите е-пошта и Facebook додека околу вас се решава конфликт на традиционалниот начин, сметаме дека е одговарачка цена.

Извор: Engadget, Geek, Dell: Latitude 12

Претходна статијаТим Кук: Најголема бројка досега на Android корисници кои преминуваат на iOS
Следна статијаTerrafugia TF-X – автомобил-авион на (блиската) иднина