Новиот iPhone SE со дупло повеќе меморија, односно со 32GB за основниот модел и со 128GB за поскапиот, дефинитивно може да кажеме дека е поисплатлива варијанта отколку да купите iPhone 6S на кој единствена предност му се 3D Touch и поголемиот екран. Но, за некои овие предности не се добредојдени. 

Пред 1 година, кога iPhone SE беше претставен, навистина ми се допаѓаше. Ги имаше истите хардверски спецификации како iPhone 6S. Но, со помала димензија иста како онаа на iPhone 5S, а со многу поевтина цена од 6S. Камерата и процесорот се исти и тоа е најбитно. Некој ќе замери за тоа што нема 3D Touch, но на многумина не им е битно. Тоа е најмногу поради фактот дека за таа карактеристика ќе треба да доплатите повеќе.

По 1 година, iPhone SE доби техничко подобрување, односно сега доаѓа со 32GB наместо со 16GB и со 128GB наместо со 64GB. Цените останаа исти како и за претходните модели кои имаа дупло помалку меморија. Сепак, тоа се единствените промени кај овој модел. Во суштина, iPhone SE е iPhone 6S кој е ставен во куќиште од iPhone 5S. За оние на кои не им се допаѓа големината на дисплејот од 4.7 инчи и го сакаат оној класичен изглед на 5S, овој модел е совршен. Но, сепак хардверот е веќе 1 година стар, за разлика од iPhone 7 кој е неполни 6 месеци.

Сепак, овој телефон има доста солидни хардверски спецификации и може да се носи со моментално најдобрите смартфони на пазарот. Има мала големина, го собира во секој џеб, лесно се управува со една рака и има одлична батерија.

iPhone SE против iPhone 6S

Може да се каже, колку и да негодуваат љубителите на Android, дека iPhone 7 и 7 Plus се најдобрите паметни телефони моментално на пазарот. А iPhone SE е веднаш под нив. Иако iPhone 6S сеуште се нуди на пазарот, има некои предности кои ги има SE наспроти 6S:

  • Најдолготрајната батерија од сите iPhone-и
  • Цената е речиси 9.000 денари поевтина од следниот модел.
  • Има Touch ID
  • Најмалиот и најкомпактниот iPhone
  • Новите мемории од 32GB и 128GB го решија првичниот проблем со меморијата
  • Има 3.5mm аудио приклучок (за хејтерите на лајтнинг приклучокот)

Спецификациите го прават да наликува на она што се MacBook Air или пак iPad 2017-та. Работи одлично и беспрекорно, софтверот е најнов и најверојатно ќе има поддршка се додека има поддршка за iPhone 7. Единствено ги нема оние ситни детаљи кои некои луѓе и не ги приметуваат во секојдневното користење како 3D Touch и поголем екран. Ќе беше одлично доколку новиот iPhone SE имаше уште некое подобрување, на пример подобар процесор како кај новиот iPad.

Заклучок

Со своите карактеристики и изглед, iPhone SE изгледа како одлична алтернатива на iPhone 7. Тој е поевтин, помал, има 3.5mm аудио приклучок и ги нема оние непотребни карактеристики за некои корисници како 3D Touch. Значи вреди да се купи веднаш!

Претходна статијаНорвешка сака да го изгради првиот тунел за бродови
Следна статијаВозможно ли е да исчезнете од интернетот?