2016-04-11-image-3

Канадскиот производител, кој своевремено беше лидер на смартфон сцената, неодамна го лансираше првиот Android уред, а гамата наскоро веројатно ќе ја прошири со два нови телефони од средната класа, кои би требало да ја пополнат дупката што ја остави прилично скапиот Priv.

И двата уреди ќе имаат многу тешка задача – нивниот знаменосец Priv, кој има Android и хардверска тастатура, поминува прилично слабо на пазарот. Имено, минатото тримесечје тие продадоа само 600.000 вакви смартфони, што е прилично слаба бројка за нивните стандарди, а особено за водечките на Android сцената, како на пример Samsung кој продаде 10 милиони уреди за еден месец помалку. Еден од проблемите, според BlackBerry е веројатно високата цена на Priv, која на почетокот изнесуваше 700 долари и сега е падната само на 650 долари.

И покрај тоа, многу е малку веројатно дека новите, поевтини Android телефони ќе успеат на пазарот. Иако според истражувањата на BlackBerry нивните верни корисници изјавиле дека сакаат уред од околу 400 долари, денес и со таа цена е тешко тие да се натпреваруваат на сцената. Едноставно, наездата од евтини, а одлични паметни телефони од Кина, значи дека BlackBerry мора да има телефони кои навистина ќе се издвојат од конкуренцијата и тука не мислам на хардверска тастатура, туку на вистински иновации.

Да, со секој BlackBerry, макар и бил со Android, добивате поголема безбедност, особено за нивните сервиси за пораки, но навистина, на колку од купувачите им е важно ова? Можеби на бизнис корисниците, но за останатите сигурно е доволна и моменталната заштита на уредите. Би сакал да грешам, но со овие два уреди BlackBerry навистина треба да покаже што знае и што умее ако сака да биде забележан на пазарот.

Извор: The Next Web, Tech Spot, The Verge

Претходна статијаHP Spectre x360 15 е одличен 15 инчен лаптоп од високата класа наменет за пошироката публика
Следна статијаBlue Screen of Death на Windows 10 ќе вклучува QR код за полесно откривање на проблемот