iphone6-select-2014

Можеби најпопуларниот паметен телефон во светот одолева на големите напади од конкуренцијата, но притисокот кон Apple за иновирање и донесување новитети дефинитивно е тука, особено по лансирањето на одличниот Samsung Galaxy S6, но и растот на кинеските производители на паметни телефони.

Иако пред две години Apple лансираше два нови iPhone-и, тие беа со иста големина и само со малку различни спецификации, односно изработка. Одбивањето да се лансира поголем телефон значеше и паѓање на продажбата во светски рамки. Лани, гигантот од Купертино ја научи лекцијата и за прв пат ја помина границата од 4 инчи дијагонала на дисплејот, со 4,7 и 5,5 инчни модели. Продажбата порасна значително и го направи iPhone убедливо најпродаваниот паметен телефон во светот и покрај повисоката цена во однос на конкурентите.

За оваа година, а со цел продолжување на успешната приказна, Apple планира лансирање наследници на овие два модели, кои ќе бидат благи надградби и иста големина, именувани iPhone 6S и 6 Plus S, но и враќање на 4 инчниот модел, кој ќе биде именуван iPhone 6C. Овој модел се очекува да биде базиран на денешниот iPhone 5S, но со изменет надворешен дизајн, кој повеќе би одговарал на поголемите браќа и ќе биде веројатно наменет за оние кои не можат да се откажат од малите, џебни димензии на постарите модели. Сите три телефони ќе имаат иста резолуција на екраните како актуелните iPhone-и со исти димензии, во превод популарната Retina.

Двата поголеми модели, односно наследниците на iPhone 6 и 6Plus ќе го користат целосно новиот процесор A9 на Apple, како и 2 GB LPDDR4 рам меморија, додека помалиот модел веројатно ќе се нуди со А8 процесорот кој се вградува во моделите денес, односно 1 GB рам меморија. За прв пат после подолго време се очекува покачување на бројот на мегапиксели на задната камера, веројатно со цел можност за снимање Ultra HD видео, за кое треба сензор од минимум 12 мегапиксели. Екраните ќе бидат со нова, LTPS технологија, веројатно произведени од Japan Display, Sharp и LG, која донесува пореални бои и помала потрошувачка на енергија.

Сите модели ќе бидат опремени и со скенер за отпечатоци од прсти, како што е случајот досега, како и со Gorilla Glass 4, иако имаше најави дека е можно користење на сафирно стакло. Трите нови модели би требало да бидат претставени во Септември/Октомври годинава, што значи дека овие информации може да бидат и променети, за што секако ќе бидете известени.

Извор: GSMArena

Претходна статијаGoogle претстави екстензија за заштеда на интернет сообраќај за Chrome
Следна статијаSamsung развива таблет со сензор за скенирање очи