screen-shot-2016-02-03-at-3-16-45-pm

Идејата за користење на гестикулации за управување со уредите не е нова. Не само тоа, неколку производители на автомобили почнаа да ја користат во своите автомобили за мултимедијалните системи, а Xbox конзолата го има Kinect уште од претходната генерација. Samsung исто така има делумна контрола со гестикулации на Galaxy Note, па нормално дојде време такво нешто да вградат и Apple.

Сепак, интересно е што ваква контрола на уредите и не е најдобро прифатена од корисниците. Освен за работи како премотување на фотографиите во вашиот телефон, лаптоп или компјутер или пак скролање по веб страна, гестикулациите знаат да бидат непрецизни и ултимативно, заморни – на рацете им треба подлога за да можат подолго да прават некоја работа.

Најмногу од се, не одговараат на 2D дисплеи и околина, бидејќи не се чувствувате како реално да управувате со нешто – многу би биле поуспешни во VR системите за виртуелна реалност и системите како HoloLens за изменета реалност.

screen-shot-2016-02-03-at-2-42-40-pm

Како и да е, Apple се чини спрема ваков систем за своите уреди – веројатно iPhone и iPad, со голема веројатност да се вградува и во лаптопите и компјутерите, односно во нивните тачпади. Ако може да веруваме на патентите кои се појавија низ интернетот, нивниот систем ќе биде прилично иновативен – нема да користи камери, туку еден голем сензор за близина растегнат низ целиот дисплеј. Ова е истиот сензор кој моментално во телефоните се користи за гасење на дисплејот кога зборувате на телефонот.

Системот за контролирање на смартфонот со гестикулации би требал да му се придружи на 3D Touch системот, кој распознава неколку различни притисоци на притискање на дисплејот и со тоа активира различни функции. Со новиот систем со гестикулации, пак, ќе може да се случи обратното – корисникот ќе може да управува со телефонот без никаков притисок на дисплејот. Системот би требал прецизно да ги следи прстите одблизу, но и целата рака оддалеку.

Зад овој систем веројатно стои Prime Sense, компанијата која го разви првиот Kinect за Microsoft, а која Apple ја купи во 2013 година.

Извор: TechCrunch, Unilad, DigitalTrends

Претходна статијаНајди место 2.0 – Нов дизајн на оваа одлична македонска апликација
Следна статијаVaio претстави Windows 10 Mobile смартфон наменет за бизнис корисниците