Можеби Apple, карактеристично за нив, доцнат на пазарот на уреди со екрани кои се превиткуваат, но тоа не значи дека од компанијата не работат на развој на еден ваков уред. Повеќе пати досега можевме да прочитаме за тоа дека уред на преклоп од Apple треба да се очекува, а најновите информации говорат дека тоа најверојатно ќе се случи во наредните 2-3 години и прво ќе биде претставен iPad на преклоп.
Дека од компанијата активно работат на развој на уред со екран кој се превиткува говори и најновата информација од The Information, кои се повикуваат на извор кој е директно запознаен со ситуацијата.
Според овој извор, Apple има направено два прототип модели од iPhone на преклоп и тоа во стилот на „флип“ телефоните, односно каков што е Galaxy Z Flip од Samsung.
Причината поради која од компанијата се’ уште не се решаваат да влезат на овој пазар, а е очекувано и карактеристично за Apple, е неможноста да се решат некои од проблемите и недостатоците на технологијата.
Пред се, од Apple сакаат да најдат решение за појавата на линија на местото каде што се превиткува екранот, а уште поважно, тие сакаат уредот да биде со дебелината која сега ја има iPhone кога ќе биде преклопен.
Ова се две доста важни работи кои ако не се решат на пазарот ќе има интересни уреди, но реално не баш употребливи по почетната фаза на восхит.
Дополнително, се верува дека од Apple се’ уште работат и на функции на софтверот кои ќе овозможат реална корист за да еден ваков уред биде привлечен за корисниците.
Старите гласини најавуваа дека Apple ќе влезе на овој пазар оваа година, но тоа не делува реално, па сепак ќе треба да почекаме уште некоја година за тоа да се случи.