Според сѐ уште неофицијални информации, Apple планира поголемо подобрување на системот за ладење кој го користи кај нивните iPhone телефони, а знаеме какви проблеми се јавија на овој план со iPhone 15 серијата.
Промената на системот треба да дојде со наредната генерација од телефоните, односно со iPhone 17 серијата. Тоа што не е познато, поради различните неофицијални информации, е дали новиот систем ќе се користи само кај Pro моделите или кај сите, вклучително и кај сѐ уште неофицијалниот iPhone Air.
Без разлика што ќе испадне на крај, а тоа ќе го дознаеме дури во септември, информациите говорат дека Apple ќе почне да го користи системот на комора за испарување (vapor chamber), нешто што одамна е стандардно на Android страната.
Овие комори овозможуваат многу подобро менаџирање на топлината од уредот, поточно нејзино распределување низ него, а со тоа се добива доста големо подобрување на перформансите во ситуациите кога корисникот го користи уредот за нешто што бара поголема процесорска моќ.
Најчесто кога топлината надминува одредени граници, се прави доста големо намалување на процесорската моќ за да престане греењето, со што корисниците на крајот може да испадне и дека џабе имаат уред со доста моќен процесор.
Комората функционира на доста едноставен и интересен начин. Истата е доста тенка, а во неа има течност, најчесто вода, која кога ќе се загрее испарува и со тоа се овозможува распределување низ целата комора. Како што пареата доаѓа до поладни делови, истата кондензира назад во течност, со што се испушта дел од топлината.
Доколку овие гласини се покажат како точни, заедно со наредната генерација од чипот од Apple, корисниците веќе не би требало да имаат проблем со прегревање на нивниот iPhone.