smart_keyboard_large

Како што веќе подолго време се шпекулира и најавува, Apple претстави поголема верзија од својот iPad таблет компјутер. Наменет првенствено за деловните корисници, iPad Pro како што е наречен, е досега најголемиот iOS уред направен од компанијата. Со неговите 12,9 инчи во дијагонала, навистина се работи за голем уред, посебно кога ќе се земе во предвид оперативниот систем на кој што работи, досега наменет сепак за нешто помали уреди.

Главното внимание може да се каже дека беше насочено кон додатоците кои што беа претставени заедно со iPad Pro, а кои што ќе се продаваат посебно од таблетот. Со овие додатоци iPad Pro многу потсетува на еден конкурентен производ на кој што сигурно веднаш ви текнува, Surface Pro 3 од Microsoft.

Додатоците за iPad Pro вклучуваат тастатура која што овозможува полесна работи со овој голем уред, како и негово потпирање на истата. Исто така, корисниците за првпат ќе имаат можност да купат и електронско пенкало за iPad направено од Apple.

Тастатурата се поврзува со уредот преку конектор кој што се закачува преку магнет. Преку оваа конекција тастатурата добива енергија за работа, како и пренос на податоците. Истата е наречена Smart Keyboard и како што истакнуваат од Apple, навистина ќе ви се допадне. Ќе се продава по цена од 169 долари.

Пенкалото кое што исто така може посебно да се купи е наречено Apple Pencil и ќе чини 99 долари. Неговата намена сигурно е очигледна, а ќе овозможува и одредени додатни функции зависни од јачината на притискање на екранот. Доаѓа со Lightning конектор кој што ќе се користи за негово полнење, а истото може да се прави и на самиот iPad Pro. Од Apple истакнуваат дека 15 секунди полнење на пенкалото овозможува до 30 минутна работа.

На настанот Apple ја претстави и новата генерација од чиповите кои што ги вградува во нивните уреди. iPad Pro ќе работи на новиот A9X чип за кој што од Apple истакнуваат дека е скоро 2 пати побрз од претходната генерација, а исто така доаѓа со доста подобри графички перформанси. Исто така од компанијата истакнуваат дека овој чип е побрз од 80% од преносните компјутери.

iPad Pro ќе работи на најновата верзија од мобилниот оперативен систем на Apple, односно на iOS 9. Како што веќе можевме да прочитаме, iOS 9 ќе му овозможи на iPad Pro нови можности за работа со повеќе апликации. Тие сега ќе може да се подредуваат една до друга, односно корисниците добиваат можност за работа со две апликации во исто време, со избор од неколку нивни позиции.

Новиот iPad Pro ќе вклучува екран со резолуција од 2732 x 2048 пиксели и нивна густина од 264 ppi. Како што беше истакнато на презентацијата, iPad Pro е широк колку што е висок претходниот модел.

Вклучува две камери, 8MP iSight камера на задната страна, како и FaceTime HD Camera со 1,2MP на предната страна.

iPad Pro ќе доаѓа и во верзија со LTE што е голема предност посебно за целната група на корисници кои што би требало да бидат заинтересирани за уредот. Доаѓа со избор на меморија за складирање од 32 и 128 GB.

Почетната цена изнесува 799 долари, додека најскапиот модел со LTE и 128 GB меморија изнесува 1079 долари. Продажбата на iPad Pro ќе започне од Ноември оваа година.

Ќе биде интересно да се види дали овој уред, кој што очигледно го прифаќа до некаде концептот на Microsoft за оваа категорија, ќе успее да направи повеќе продажби од Surface компјутерите. Дали iPad Pro ќе го промени пазарот повторно?

Извор: Apple, The Verge, ZDNet

Претходна статијаАкадемиите на Seavus најавуваат втор Challenge Day – Натпревар за целосни стипендии
Следна статијаiPhone 6S и 6S Plus – еволуција во името, револуција во технологијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.