Како што најавивме во текот на вчерашниот ден, Essential, компанијата на еден од креаторите на Android оперативниот систем, денеска официјално го претстави нивниот паметен телефон.

Неколкуте најави од Енди Рубин кои укажуваа на навистина посебен телефон, се покажаа точни. Новиот Essential PH-1 е уред којшто дефинитивно ќе ја раздвижи конкуренцијата, па дури и најголемите како Samsung и Apple.

Телефонот доаѓа со компоненти соодветни за уред од највисоката класа, односно ги има следните карактеристики:

  • QHD екран со резолуција од 2560 x 1312 пиксели и сооднос од 19:10
  • Qualcomm® Snapdragon™ 835 чипсет со Kryo 280 Octa-core (2.45GHz Quad + 1.9GHz Quad) процесор
  • Adreno 540 графички процесор
  • 4GB RAM меморија и 128GB меморија за складирање
  • 13MP Dual RGB + Mono задна камера
  • 8MP предна камера
  • 3040mAh батерија

Меѓутоа, она што го прави овој уред навистина посебен, не се овие веќе стандардни карактеристики кај телефоните од високата класа.

Она што го прави посебен овој уред е екранот којшто скоро и да нема рамка. Единственото место каде што е поставена мала рамка е на долниот дел, а остатокот од екранот е целосно без рамка и изгледа навистина одлично, барем на сликите.

Интересно, горниот дел од екранот е прекинат од предната камера за што од Essential истакнуваат дека и така обично во тој дел не се прикажуваат работи од оперативниот систем.

Essential PH-1 е изработен од титаниум и керамика што освен тоа што му дава еден премиум изглед, го прави поиздржлив во случај на паѓања.

Задната камера е двојна, односно едната е во боја, а другата црно бела, со што се овозможува подобро сликање во ситуации на слаба осветленост. Црно белата камера може и посебно да се користи за црно бели слики.

На задниот дел од уредот се поставени и два приклучоци наменети за додатоци кои ќе може да се користат со телефонот. Ова го прави овој телефон до некаде модуларен, нешто коешто до сега во главно можевме да го видиме во моделите од Moto и LG.

Додатоците се прицврстуваат со помош на магнет, а моментално е достапна мала 360 степена камера, како и подлога за полнење на уредот.

Енди Рубин навистина претстави необичен и одличен телефон, а останува само да видиме дали ова ќе биде доволно да се загрозат моментално најголемите играчи на пазарот Samsung и Apple.

Извор: Essential, The Verge, Engadget

Претходна статијаНовите процесори на ARM имаат подобрени перформанси, ќе можат да се користат и за машинско учење
Следна статијаIntel го претсави својот Compute Card
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.